Свет ImageProxy (5)

2 јули, 2013

Најл Роџерс: „Им ветив на Дафт Панк дека нема сам да ја изведувам ’Get Lucky’“

Најл Роџерс открил дека им ветил на Дафт Панк дека синглот „Get Lucky“ нема да го изведува без нив. Легендарниот продуцент и член на групата Шик е коавтор на диско хитот, кој штотуку стана и прв сингл за 2013 година кој во Велика Британија се продаде во милионски тираж.

Пред настапот на групата Шик на фестивалот Гластонбери, Роџерс дал интервју за магазинот NME и на прашањето дали потпишал договор дека нема сам да ја изведува песната „Get Lucky“, тој одговорил: „Па, немам баш договор. Не моравме да потпишуваме ништо… едноставно мислам дека така треба да биде… Кога ќе направите нешто со некој изведувач, тогаш тоа е нивна песна. Да не беше нивниот албум, Фарел и јас немаше да учествуваме на „Get Lucky“. Ќе работевме нешто друго… Јас така гледам на тоа и нема никаква врска со никој друг. Никој не разговараше со мене околу тоа, всушност, самиот им кажав дека така ќе направам.“

Роџерс додал: „Кога ќе ја изведам за прв пат, сакам тоа да биде со нив. Сакам да вежбаме и да ја изведеме како што треба. Сакам да биде елегантно како Шик. Да биде како на снимката. Не сакам да импровизираме… Иако сакам импровизации, импровизациите се забавни.“

Во врска со милионскиот тираж, Роџерс признал дека на почетокот не го сфатил значењето на тоа достигнување: „Се чувствував одлично, откако ми објаснија што точно значи тоа. Не го мислам тоа егоистично, туку само статистички – милион купувачи! Ми објаснија: во музичката историја на Британија само 136 синглови се продадени во тираж поголем од милион примероци. „Get Lucky“ успеа во тоа за само 69 дена. Кога го слушнав тоа, одговорив дека повеќе ме интересира 69, отколку милион! Сфатете го тоа како што сакате.“

Потсетуваме, Најл Роџерс и Шик ќе го отворат овогодинешното издание на фестивалот Егзит.

Извор: NME

 



Врати се горе ↑