Настани 96d684ee-5639-45f9-a385-a8c0a3f76281a

20 јануари, 2016

Најгледаниот мјузикл во светот „Мама миа!“ за првпат ќе биде изведен пред македонската публика!‏

МАМА МИА!“ во Скопје доаѓа во изведба на реномираниот белградски театар „ПОЗОРИШТЕ НА ТЕРАЗИЈАМА“!

Светски популарниот и најуспешен современ мјузикл „Мама миа!“ наскоро за првпат ќе биде прикажан пред македонската публика и тоа во изведба на единствениот специјализиран музички театар во регионов, реномираниот белградски „Позориште на Теразијама“!

Мјузиклот „Мама Миа“ е еден од најпознатите наслови на џубокс мјузикл жанрот, на кој сите нумери се најголемите хитови на шведската група „АББА“, а од светската премиера во Лондон, овој мјузикл досега е изведуван во 40 земји, го погледнале 50 милиони луѓе и доживеа и успешна екранизација. Благодарение на „Теди медиа груп“ ДОО Скопје, кој е носител на овој проект кај нас, македонската публика ќе има можност премиерно да го погледне мјузиклот „Мама миа“ на 11 март во Скопје! Дополнителни информации за локацијата, продажбата и цената на билетите ќе бидат наскоро објавени.

Ова е во моментов најгледаниот мјузикл на светот! Гордите автори, Бени Андерсон (Benny Andresson) и Бјерн Улвеус (Björn Ulvaeus) заедно со Стиг Андерсон (Stig Anderson) и една од најдобрите британски драматурзи Кетрин Џонсон (Catherine Johnson) освоија многу светски театарски сцени меѓу кои и „Бродвеј“, а за ова дело се вели дека ширум светот во секој момент се изведуваат најмалку четириесет различни јазични верзии на оригиналното сценарио.

Една од причините за огромниот успех на мјузиклот „Мама миа!“ е секако музичката група „АББА“. Тоа е јасно кога знаеме дека музиката на оваа група ги плени фановите уште од евровизиската победа во 1974 година. Но „Мама миа!“ не е првиот мјузикл кој ја користи популарната музика. Всушност на „Бродвеј“ колосално пропадна мјузиклот „Последниот брод“ (The Last Ship), чија музичка основа беше музиката на Стинг. Не помогна ни тоа што овој планетарно познат музичар лично заигра во претставата. Изгледа дека во случајот на „Мама mиа!“ функционира и нешто што често се губи од вид и не само кога станува збор за мјузикл. Зад секој успешен проект „стои“ весела, тажна, драматична, сентиментална – каква било, но на крајот на краиштата, добро раскажана приказна. Ако неа ја нема, нема ниту претстава, дури и кога е во прашање танцов проект.

А што сѐ се случува со мјузиклот „Мама миа!“? Добитната комбинација е родена со спојување на музичката група „АББА“ и приказната за немирната Софи и нејзината потрага за идентитет, за Дона која трага по изгубената љубов и мажите на нејзиниот живот.

Белградскиот театар „Позориште на Теразијама“ одлучи да провери како Белград и Србија воопшто, ќе ја прифатат оваа приказна која постигна толку добри резултати во светот, потпирајќи се исклучиво на сопствените сили што се однесува на актерите, балетот, оркестарот, хорот и целокупниот тим на „Позориште на Теразијама“, кои ќе имаме единствена пригода да ги погледнеме и во Скопје.

Локален копродуцент на овој мјузикл е познатиот екс-ју скијач и олимпиец Јуре Франко, кој чекаше дури шест години за добивање на лиценцата за територијата на поранешната држава. „Секако дека пресудна беше и соработката со легендарниот Јуре Франко, сребрениот екс-ју олимпиец од 1984 година, а денес успешен театарски продуцент, кој успеа да ги добие правата за изведување на овој наслов во регионов. Згора на тоа поверува дека ќе бидеме добитната комбинација до таа мера што ги вложи и своите средства во копродукција на претставата „Мама миа!“ која од 27 март 2015 година во Белград започна со првата изведба на овој наслов во овој дел од светот“, вели Жељко Јовановиќ, уметнички директор на „Позориште на Теразијама“.

По Белград, „Мама миа!“ доби свои верзии во Загреб и Љубљана, а конечно со единствениот „Позориште на Теразијама“ првпат доаѓа и пред македонската публика.

Позориште на Теразијама“ минатата година прослави 65 години од основањето. Во првите дваесет години од постоењето, репертоарот го чинеа оперети и комедии, а во 60-тите години на минатиот век се изведуваа и првите лиценцирани мјузикли. По повеќе од 280 премиери, „Позориште на Теразијама“ денес е позициониран како автентична културна институција чии претстави месечно ги гледаат повеќе од осум илјади луѓе, а на репертоарот се наоѓаат големи бродвејски наслови, но и домашна продукција. Во техничка и просторна смисла, тој пак важи за најсовремениот театар во овој дел од Европа. Последните десет години како една од своите програмски стратегии „Позориште на Теразијама“ реализира програма за едукација на своите музички кадри во соработка со списанието „Orcehtra“ и американската школа „The Jacob’s Pillow”.



Врати се горе ↑