Концерт

24 декември, 2017

Најдобрите рок и поп хитови на Василичарскиот концерт во МОБ

Македонската опера и балет ја продолжува традицијата со концерти по повод празникот Василица, а овој пат, на 12 и 13 јануари (петок и сабота), публиката ќе има можност да ужива со најдобрите рок и поп хитови од осумдесеттите и деведесеттите години, односно „Simply The Best“!

„With Or Without You“, „Freedom“, „I Drove All Night“, „Listen To Your Heart“, „Simply The Best“, „Every Breath You Take“, „I Want To Break Free“ и „Black Velvet“ се дел од евергрините што ќе прозвучат на сцената во МОБ, а ќе ги исполнат популарните ѕвезди од македонската естрада: Александар Тарабунов, Горан Наумовски, Елена Петреска, Ана Мицковска, Александра Јанева, Ѓоко Танески, Арбен БЕНИ Шаќири, Дани Димитровска, Наташа Малинкова, Лена Заткоска, Даниел Дан, гостинот од Хрватска, Бојан Јамброшиќ, како и оперските солисти Наде Талевска и Ѓорѓи Цуцковски, а во придружба на хорот и големиот оркестар на Македонската опера и балет, под диригентската палка на Бисера Чадловска. 

„Почитувајќи ја традицијата на нашиот народ да ја прославува т.н. Стара Нова година, Македонската опера и балет го востанови овој концерт во 1993 година и низ годините потоа, тој стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените настани кај нас“, велат од МОБ. Влезниците за двата концерта се по цена од 800 денари, а можат да се набават во билетарницата на МОБ и онлајн на www.mob.mk.



Врати се горе ↑