Аудио maxresdefault

18 јануари, 2016

Најдобрите песни наградени со Оскар

Веќе во полн ек е сезоната на доделување награди за сработеното во минатата 2015 година, а деновиве во центарот на вниманието беа и номинациите за претстојното 88. доделување на академските филмски награди – Оскарите. Веќе е добро познато дека ниту еден филм не би бил тоа што е без музиката, а голем дел од песните што сме ги слушнале во бројните филмски остварувања биле наградени и со Оскар.

Имено, категоријата „Најдобра оригинална песна“ e воведена од 7. издание на Оскарите, кое се одржа во 1934 година. Номинациите ги одредуваат членови на Академијата што се текстописци и композитори, а победниците ги одбираат сите членови во целина. Наградата им се доделува на авторите што ја компонирале песната специјално за филм, а изведувачите немаат никаков удел освен ако не се дел од авторскиот тим.

Услови, правила и број на номинации

На почетокот, единствениот услов што требало да го исполни една песна е да се појави во филм снимен во претходната година, но ова правило било променето по доделувањето во 1941 година, кога победи песната „The Last Time I Saw Paris“ од филмот „Дамо, биди добра“, со музика од Џером Керн и текст од Оскар Хамерстајн II. Керн бил вознемирен што победила неговата песна бидејќи била објавена и снимена пред да биде искористена во филмот. Песната всушност била напишана во 1940 година, откако Германија го окупирала Париз на почетокот на Втората светска војна. Отпеана од Кејт Смит, темата се искачила на 8. место на листата на најпродавани песни пред да биде искористена во филмот „Дамо, биди добра“ (Lady Be Good). Токму оваа случка била пресудна да се промени правилото, така што оттогаш се номинираат само „оригинални песни напишани специјално за филм“.

Песни што се објавени пред да се појават во филм и немаат никаква врска со филмот, како што беа „Unchained Melody“ во „Дух“ од 1990 година и „I Will Always Love You“ во „Телохранител“ од 1992 година, не можат да се квалификуваат. Исто така, не можат да се квалификуваат ниту песни што содржат семплови од други песни или се преработки, ремикси или пародии, како што е „Gangsta’s Paradise“ во „Опасни умови“ од 1995 година.

Кога филмот е адаптација на претходно напишан сценски мјузикл, ниту една од песните од сценската верзија не го исполнува условот за номинација. Како резултат на тоа, многу филмски адаптации на мјузикли вклучиле оригинални песни за да можат да бидат номинирани, а такви се „You Must Love Me“ од „Евита“ (1996), „Listen“, „Love You I Do“ и „Patience“ од „Девојки од соништата“ (2006) или „Suddenly“ од „Клетници“ (2012).

Во поглед на бројот на номинирани песни, сè до 1945 година немало никакво ограничување, така што во 1944 година биле номинирани дури 14 песни, но оттогаш максимумот е 5. Исклучоци имало во 2011 година, кога биле номинирани само 2, во 1988, 2005 и 2008 имало 3, а во 2010 и 2013 биле номинирани 4 песни.

Во последниве години, бројката се движи од 2 до 5, што се должи на правилата поставени од Академијата, која ги задолжува сите членови од музичката бранша да гласаат за своите омилени песни, користејќи специјален систем со поени, односно 10, 9,5, 9, 8,5, 8, 7,5, 7, 6,5 и 6 поени. Услов за номинација исполнуваат само песните со просек од 8,25 и повеќе. Ако ниту една песна не добие просек од 8,25 или повеќе, тогаш воопшто нема да има номинирани. Ако пак просекот го добие само една песна, тогаш се номинира таа и песната со втор највисок просек. Токму тоа се случило на доделувањата во 2012 година.

Со оглед на тоа што ова е една од малкуте категории во кои еден филм може да добие повеќе од една номинација, првиот таков случај бил со филмот „Слава“ (Fame) од 1980 година, а досега само четири филмови имале по три номинирани песни: „Убавицата и ѕверот“, „Кралот лав“, „Девојки од соништата“ и „Маѓепсани“. Последните два изгубија на секоја номинација, така што од јуни 2008 година воведено е ново правило – ниту еден филм да не е номиниран со повеќе од 2 песни.

Традицијата номинираните песни да се изведуваат и на самата церемонија започнала дури на 18. доделување во 1946 година, кога настапија Френк Синатра, Кетрин Грејсон, Дајна Шор и Дик Хајмс. Поголемиот дел од песните ги изведувале оригиналните пејачи, но некогаш таа задача им била доделена на други изведувачи. На пример, во 1965 година, сите номинирани песни ги извел американскиот пејач Роберт Гулет.

Од 1934 година до денес, вкупно 81 песна е наградена со оваа престижна награда, но бидејќи би било премногу да ги ставиме сите до една, за овој прв дел ги издвојуваме само првите 10, од 1934-1944 година, а останатите ќе следат во наредниве денови. Уживајте!

1934 – The Continental (Веселата разведеница) / автори: Кон Конрад и Херб Маџидсон / изведувачи: Фред Астер и Џинџер Роџерс

 

1935 – Lullaby of Broadway (Спонзоруши) / автори: Хари Ворен и Ал Дубин / изведувач: Вини Шо

 

1936 – The Way You Look Tonight (Време на свинг) / автори: Џером Керн и Дороти Филдс / изведувач: Фред Астер

 

1937 – Sweet Leilani (Ваикики свадба) / автор: Хари Овенс / изведувач: Бинг Крозби

 

1938 – Thanks for the Memory (Големото емитување) / автори: Ралф Рејнгер и Лео Робин / изведувачи: Боб Хоуп и Ширли Рос

 

1939 – Over The Rainbow (Волшебникот од Оз) / автори: Харолд Арлен и Јип Харбург / изведувач: Џуди Гарланд

 

1940 – When You Wish Upon a Star (Пинокио) / автори: Ли Харлајн и Нед Вашингтон / изведувач: Клиф Едвардс (штурецот)

 

1941 – The Last Time I Saw Paris (Дамо, биди добра) / автори: Џером Керн и Оскар Хамерстајн II / изведувач: Ен Сотерн

 

1942 – White Christmas (Холидеј Ин) / автор: Ирвинг Берлин / изведувач: Бинг Крозби (со Марта Мирс)

 

1943 – You’ll Never Know (Здраво, Фриско, здраво) / автори: Хари Ворен и Мек Гордон / изведувач: Алис Феј

 

1944 – Swinging on a Star (Одејќи по својот пат) / автори: Џими Ван Хаусен и Џони Бурк / изведувач: Бинг Крозби

Продолжи на втор дел… 

Подготви: Ивона Јанкова

Извор: Википедија



Врати се горе ↑