Свет

7 февруари, 2019

Најавени првите презентери на Оскарите 2019

Претстојното, 91. по ред доделување на академските филмски награди и официјално ќе биде без водител, што се случува првпат по 30 години, па наместо првично планираниот домаќин Кевин Харт, програмата ќе ја пополнат поголем број холивудски ѕвезди што ќе се појавуваат како презентери на Оскарите. Меѓу првите 13 имиња се најдоа: Аквафина, Даниел Крег, Крис Еванс, Тина Феј, Вупи Голдберг, Бри Ларсон, Џенифер Лопез, Ејми Полер, Маја Рудолф, Амандла Стенберг, Шарлиз Терон, Теса Томпсон и Констанс Ву.

Од Академијата соопштија дека во наредниов период овој список ќе биде дополнет и со други имиња, а ги потврдија и музичките гости, односно изведувачите што ќе ги отпеат петте номинирани песни од категоријата за најдобра оригинална песна. Една од нив е и оскаровката Џенифер Хадсон, која златната статуетка ја освои во 2006 година за улогата во „Девојки од соништата“ (Dreamgirls), а на претстојното доделување ќе ја отпее „I’ll Fight“ од филмот за врховната судијка Рут Бејдер Гинсбург – „РГБ“, чија авторка е хитмејкерката Дајен Ворен.

 

Исто така, на сцената во театарот „Долби“ во Лос Анџелес по третпат ќе запее и Лејди Гага, која годинава е во трка за две награди – најдобра женска улога и најдобра оригинална песна за „Shallow“ од филмот „Ѕвездата е родена“, а ќе настапи заедно со колегата Бредли Купер.

91. доделување на Оскарите ќе се одржи на 24 февруари, а новитет годинава е и тоа што манифестацијата ќе трае само 3 часа. Според бројот на номинации предводат филмовите „Фаворитот“ и „Рома“, кои се во трка за по 10 статуетки, а веднаш зад нив се „Ѕвездата е родена“ и „Заменик“ со по осум номинации. Блокбастерот „Црниот пантер“ се натпреварува во седум категории, „Црниот член на ККК“ во шест, а „Боемската рапсодија“ и „Зелената книга“ во пет категории.



Врати се горе ↑