Настани

8 август, 2017

Најавени првите изведувачи на наградите за најдобри видеа на Ем-ти-ви

Музичкиот канал Ем-ти-ви неодамна го најави 34. доделување на наградите за најдобри видеа, кое ќе се одржи на 27 август во „Форум“ во Инглвуд, Калифорнија. Во улога на водителка ќе ја видиме популарната американска пејачка Кејти Пери, која воедно ќе има и свој настап, а веќе се најавени и првите имиња што ќе запеат на претстојната манифестација, меѓу кои се Мајли Сајрус, Лорд, Ед Ширан, „Фифт хармони“, Викенд, Шон Мендес и „30 секндс ту Марс“. 

Минатогодишното доделување, на кое настапија ѕвезди како што се Бијонсе, Ријана и Бритни Спирс, имаше најлош рејтинг во историјата на манифестацијата со само 6,5 милиони гледачи, па затоа годинава има мали измени. Имено, продуцентите за првпат одлучија да ги отфрлат родовите категории (машки и женски изведувач), што значи дека сите ќе се натпреваруваат во една единствена категорија наречена Уметник на годината, а наградата Месечев човек (Moonman Award) е преименувана во Месечева личност (Moonperson Award).

Според бројот на номинации годинава предводи Кендрик Ламар, кој е во трка за 8 статуетки, а веднаш зад него се водителката Кејти Пери и Викенд, со по пет номинации. Наскоро се очекува да биде откриен и добитникот на најпосакуваната награда „Мајкл Џексон видео вангард“, што дополнително би го зголемило интересот за манифестацијата, која по втор пат во историјата ќе има директен пренос во живо.

 



Врати се горе ↑