Свет al=gs=lg=tb

28 јануари, 2015

Најавени првите дуети за Греми наградите

Како што е познато, на секое доделување на Греми наградите, покрај самостојните изведби, публиката и гледачите имаат можност да уживаат и со дуетите на најпознатите имиња на светската музичка сцена. Првите најавени дуети за годинава се на вокалистите на групите „Марун 5“ и „Ноу даут“, односно Адам Левин и Гвен Стефани, како и на џез музичарот Тони Бенет и Лејди Гага, кои минатата година ја одбележаа и со заедничкиот албум „Cheek to Cheek“, номиниран во категоријата „Најдобар традиционален поп вокален албум“.

Левин и Стефани, кои годинава не се номинирани во ниту една категорија, веројатно ќе го изведат дуетот „My Heart Is Open“, кој се најде на актуелниот албум на „Марун 5“, изданието „V“ објавено во септември минатата година, додека Бенет и Гага ќе отпеат една од темите од албумот „Cheek to Cheek“.

 

Покрај Греми наградите, Левин ќе настапи и на претстојното доделување на Оскарите, каде што ќе ја отпее темата „Lost Stars“ од филмот „Нов рефрен“, номинирана во категоријата „Најдобра оригинална песна“.

57. доделување на Греми наградите ќе се одржи во недела, 8 февруари, во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес, a домаќин на манифестацијата и овој пат ќе биде познатиот музичар Ел Ел Кул Џеј. Покрај горенаведените музичари, ќе настапат и веќе најавените изведувачи „Еј-си-ди-си“, Крис Чрч, Аријана Гранде, Мадона и Ед Ширан, како и Сем Смит, Фарел Вилијамс, Ашер, Миранда Ламберт и Џон Леџенд со Комон.



Врати се горе ↑