Македонија igo

26 ноември, 2016

Над 500 пријавени за мјузиклот „Тајно моја“ за Тоше

Како што е познато, деновиве почнаа да се снимаат аудициите за новото „Кастинг талент шоу“, во чии рамки ќе се одбираат музички и актерски таленти за новиот мјузикл на МОБ, „Тајно моја“, во чест на нашата легенда Тоше Проески. Над 500 кандидати дојдоа во Македонската опера и балет за да докажат дека Македонците се мултиталентиран народ, а Игор Џамбазов, кој е дел од жирито што ќе ги оценува кандидатите, вели дека овој проект ќе го докаже токму тоа.

Тој нагласи дека ова е одлична можност да се откријат млади и надежни ѕвезди, кои нема да имаат потреба да се докажуваат надвор од нашите граници, наведувајќи ја како пример „Пинковата ѕвездичка“ Антонија Гиговска. Меѓу оние кои што им се веќе познати на македонската публика е и битолчанката Марија Груевска, која претходно ја видовме во втората сезона на регионалниот Х фактор“, како и во македонскиот натпревар На иста адреса, кој за жал не го доживеа својот крај.

Како и секогаш, во ваквите емисии знаат да залутаат и некои не баш талентирани кандидати. „И тие се дел од едно телевизиско шоу. Штом сме се врзале со национална телевизија значи дека не ни е битно само да го направиме изборот како што треба, туку да не им биде здодевно и на гледачите. И тие се неколку забавни парчиња, залутани типчиња кои дошле чисто да си ја пробаат среќата и да се подружат малку, да научат нешто ново…“, вели Џамбазов, додавајќи дека пуштале по еден-двајца за да биде поинтересно.

Проектот е во организација на МОБ, а во копродукција со „3Д продукција“ и телевизија „Канал 5“, каде што започнувајќи од понеделник, 28 ноември, публиката ќе има можност да ги гледа аудициите со почеток од 21.30 часот.



Врати се горе ↑