Настани

25 октомври, 2018

Над 40 концерти во Скопје за јубилејниот „Таксират #20“

Пред официјалниот почеток на јубилејната 20. едиција, фестивалот „Таксират“ ВЕЧЕРВА ја повикува својата публика и пријателите на ТАКСИРАТ-ДРУЖБА во МКЦ Скопје, на која задолжен за музиката ќе биде еден од најверните пријатели на „Таксират“ – МАНУ ЧАО! Во оваа пригода, со почеток во 20.30 часот, Ману Чао со 60-минутен акустичен настап ќе го претстави  „Ел чапулин“ (El Chapulin) – неговиот нов соло-проект, а потоа дружењето музички ќе го режира уште еден драг пријател на „Таксират“, диџеј Чарли. „Таксират“ веќе 20 години е музичката алтернативна во Македонија и фестивалска приказна која ја создаваат ентузијасти со одвишок позитивна енергија, па ВЕЧЕРВА едно такво другарско музичко напојување споделуваме со публиката, со пријателите, а како што и доликува на еден другарски собир, ВЛЕЗОТ Е БЕСПЛАТЕН за сите!

Официјалната програма на ТАКСИРАТ #20, оваа зима ќе започне на 29 ноември со првиот македонски панел на ПИН музичката конференција, а вечерта е официјалното отворање на „Таксират“ со концертот на Д-Р НЕЛЕ КАРАЈЛИЌ, сејугословенската легенда од „Забрањено пушење“ и „Топ-листа надреалиста“. По 20 години, легендата оваа година се врати на сцена со спектакуларен концерт кој го одржа пред повеќе од 40.000 посетители во Белград, а на наше огромно задоволство, му посакуваме добредојде и во Скопје со концерт за кој Неле вели дека е своевидно „патување низ времето“ на коешто тој го претставува „целокупниот Неле“ и оној од „Забрањено пушење“ и оној од бендот „Ноу смоукинг оркестрa“ и некои нови остварувања.

ПИН конференцијата, пак, покрај панел-програмата, во вечерните часови пред македонската публика ќе ги претстави настапите на повеќе од 20 нови музички таленти и најпотенцијални изведувачи од различни земји во Европа и тоа сите со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ, па така, на 30 ноември и 1 декември во Младинскиот Културен Центар, покрај странските гости, ќе ги погледнеме и звучни имиња од домашната сцена како „Стринг форсис“, Горан Трајкоски, „Егоритмија“, „Дупер“ и други.

Понеделникот, 3 декември е резервиран за еден од најавтентичните автори во регионов, РАМБО АМАДЕУС кој конечно кај нас ќе го претстави неговиот веќе славен театарско-сценски перформанс „Вечер на гломазна поезија“. Ова е воедно и првиот РАСПРОДАДЕН настан од програмата на „Таксират 20“, а имајќи го предвид интересот за останатите фестивалски вечери, сигурно е дека многу скоро во „sold-out“ листата ќе се запишат и други настани од офф-програмата на „Таксират“, во чии рамки се најавени концертите на „Ет д гејтс“ и „Киборг“, „Лузер-фест“, а секако и ГЛАВНАТА ВЕЧЕР на „Таксират 20“, која го привлекува најголемиот интерес!

„Мандо диао“, „Нувел ваг“, „Терапи“, „Смат“ и Разел на главната вечер на „Таксират 20“!

На 8 декември во арена „Борис Трајковски во Скопје нѐ очекува главната вечер, а тука на три бини со капацитет за 10.000 посетители ќе имаме прилика да го доживееме „Таксират“ во своето вистинско светло. Покрај претходно најавениот, премиерен настап во Македонија на шведскиот инди-рок феномен „Мандо диао“ (Mando Diao), со концерт на главната вечер ни се придружува и славното француско арт-кабаре „Нувел ваг“ (Nouvelle Vague)! Бендот кој во шармантен боса-нова манир ги редефинира најзначајните периоди од панк и рок-историјата, на 8 декември повторно го носи во Скопје неодоливиот звук кој отвори поинаква димензија на новиот бран. „Нувел ваг“ во организација на „Пасворд продакшн“ и „Таксират“ досега има одржано два распродадени концерти во Скопје, а овој пат покрај 20. јубилеј на фестивалот, имаме уште неколку поводи за нивното гостување кај нас. Тука секако е претставувањето на нивниот актуелен и одлично оценет албум „I Could Be Happy“, кој групата го објави кон крајот на 2016, но кој за првпат ќе го претстави пред македонската публика и тоа пред самиот почеток на прославата за нивниот 15-годишен јубилеј во 2019, за кој бендот најавува ново издание, а од кое дел со сигурност ќе имаме привилегија премиерно да чуеме на „Таксират“!

Љубителите на жестокиот звук веќе ги израдува веста дека „Терапи“ (Therapy?), докажаниот алт-метал бенд од Северна Ирска кој скоро 30 години е во врвот на светската алтернативна сцена каде што негува речиси култен статус, ќе настапи на „Таксират“ претставувајќи го и својот  нов, 15. студиски албум „CLEAVE“ (септември, 2018)! Со ново издание и уште пожесток звук, главната бина ќе ја затресат и „Смат“ (SMUT), гордоста и основоположниците на македонската метал-кор сцена, кои две години по концертот за 20 години постоење, се враќаат со full-set концерт на домашен терен, овој пат за јубилејната 20-ка на „Таксират“ и уште еден успех како повод – одличен албум „ТИЕ СЕ НАСЕКАДЕ“!

И втората бина, денс-стејџот на „Таксират“ ни го претстави својот прв потврден изведувач и тоа Разел (Rahzel), неприкосновениот светски битбокс-шампион, повеќекратен Греми освојувач и член на најдобрата хип-хоп група „Рутс“ (The Roots). На 8 декември тој ќе настапи во Скопје заедно со „Екс-егзекјушнерс“ (the X Ecutioners) – тандемот на едни од највлијателните скреч-диџеи „Тотал еклипс“ (Total Eclipse) и „Пресижн“ (Precision).

Билетите за главната вечер се веќе пуштени во продажба и како секој пат досега на „Таксират“, со неверојатно ниска цена од САМО 500 ДЕНАРИ, за настапите на десетина изведувачи во една вечер, на 8 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје!

И тоа не е сѐ! Одбележувањето на 20-ката на „Таксират“ започна со легендарните „Крафтверк“ уште во февруари годинава, продолжи со фантастичните, распродадени концерти на „Лајбах“, Акуа Нару, „Гогол бордело“, Питер Бенс, „Инер сркл“ и еве сме пред самото финале и официјалната фестивалска програма која во градот убав ќе се одржува секојдневно почнувајќи од 29 ноември, па сѐ до 8 декември, а програмата целосно ќе биде објавена во наредниве денови.

За 20 години ТАКСИРАТ во Македонија! Преврти го Скопје наопаку!



Врати се горе ↑