Настани

31 јануари, 2018

На „Си стар“ стигнуваат „Хртс“, Робин Шулц, хитмејкери и силна рап-екипа!

Ланското, премиерно издание на фестивалот „Си стар“ (Sea Star), новата истарска ѕвезда од регионалното семејство на „Егзит“, од самиот почеток ги надмина сите очекувања и привлече повеќе од 50.000 луѓе во магичната лагуна Стела Марис во Умаг. Со првиот бран на овогодишниот фестивал, кој ќе се одржи од 24 до 27 мај, стигнуваат не морски, туку вистински музички ѕвезди и еден од најдобрите концертни бендови на денешницата „Хртс“ (Hurts), кои публиката ги изгласа за бенд со најдобар настап на гигантскиот Гластонбери, и тоа пред бендови како што се „Ју-Ту“ и „Колдплеј“! Со нив стигнува и хитмејкерот Робин Шулц (Robin Schulz) кои ги „тресе“ главните бини ширум Европа, а кој уште сега го прогласуваат за наследник на фамозниот Дејвид Гета поради истото умеење да направи врвна журка, но и на секои пар месеци да создаде нов хит! А за хитовите уште сега да се бројат во десетици, тука е и жешкото лондонско трио „Дисајплс“ (Disciples), како и француското дуо со заразни песни „Офенбах“ (Ofenbach)! За журката да биде уште поинтензивна, покрај танцувачките, ќе не затресат и хип-хоп ритмите на одличната екипа која ја водат загрепските великани „Трам 11“,  балканскиот рап татко Едо Маајка, како и единствената вистинска хип-хоп „мама“ Сајси Ем-Си, омилените далматински „Дјечаци и неприкосновениот сплитски победник Крешо Бенгалка.

 

Способноста на британскиот двоец „Хртс“ успешно да ја евоцира романтиката од 80-тите во современиот формат, никого не остава рамнодушен, а тие настапуваа и на сите водечки фестивали како што се „Гластонбери“, „Рок ам ринг“, „Фуџи рок“ или „Егзит“! Нивниот настап на Петроварадин во 2014 како и на „Си денс“ во 2016 распамети десетина илјади присутни кои на глас ги пееја најголемите хитови како „Wonderful Life“, „Miracle“, „Stay“, „Sunday“, „Illuminated“, „Lights“, „Some Kind Of Heaven“ и многу други. Здружените Тео Хачкрафт и Адам Андерсон веќе со првиот албум „Happiness“ ја освоија титулата за најбрзо продаван британски албум во 2010 година и остварија соработка со Кајли Миног и Келвин Харис. Наследникот „Exile“, го повтори успехот влегувајќи меѓу топ 10 албумите ширум Европа, а третиот албум „Surrender“ им ја прошири публиката во останатите делови од светот. Неодамна објавениот албум „Desire“, од кој последниот сингл „Ready To Go“ бележи милиони прегледувања на Јутјуб, го поведе манчестерскиот феномен на нова светска турнеја која овој мај стигнува и во Хрватска.

 

Владетелот на танцувачките подиуми на денешницата, германскиот диџеј и продуцент Робин Шулц, секоја трака на која ќе ѝ пристапи ја претвора во злато. Светскиот пробив му го донесе ремикс синглот „Waves“ во 2014 година, со кој заработи дури и номинација за Греми. Истата година го објави и дебитантскиот албум „Prayer“ од кој на светските топ листи се лансираа мега хитовите „Prayer in C“ и „Sun Goes Down“, додека вториот албум владее со синглот „Sugar“ кој бележи повеќе од 350 милиони прегледи на Јутјуб! Талентираниот Германец, на чија листа на соработници се наоѓаат Моби, Дејвид Гета, Џејмс Блант и други великани кои во документарниот филм за Шулц имаат само пофални зборови, денеска е ѕвезда на главните фестивалски бини. Последниот албум „Undercover“ (2017) продолжува со подеднакво заразно темпо да граби кон врвните позиции, пред сѐ со хит синглот „ОК“, додека најсвежата нумера „Unforgettable“ е вистинска најава за неговиот настап на фестивалот „Си стар“.

 

Лондонското трио „Дисајплс“ експлодира со хитот „How Deep Is Your Love“, изработен во соработка со Келвин Харис. По синглот кој во моментов надминува милијарда прегледи на Јутјуб, ги препозна и поддржа легендарниот Пит Тонг од Би-Би-Си, по што со молскавична брзина се пробија на светската сцена. Членовите на триото – Дувал, Лук Мак и Гавин Кол, самите ја пишуваат, пејат и продуцираат својата музика, а истакнато место на листите им оствари еден од најслушаните синглови во 2017, „On My Mind“!

 

Какво е чувството својата музика да ја слушаш на секој агол, одлично знае францускиот диџејски дует „Офенбах“, без чиј хит „Be Mine“ невозможно беше да се замисли изминатото лето! Идејата да го спојат рокабили звукот со хаус музиката внесе вистинска свежина во летните месеци, а нивниот актуелен хит сингл „Katchi“ ги грее зимските денови како во моментов една од светски најбараните песни на „Шазам“.

 

Влезниците за „Си стар“ со 60% попуст само до 8 февруари!

Актуелната подарок цена на фестивалските влезници од 1.990 денари, што е 60% од финалниот износ, ќе важи најдоцна до 8 февруари до крајот на денот и се продаваат во Македонија преку МкТикетс, во Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат). „Си стар“ нуди и два вида на кампување, Премиум и Премиум Плус, и двата со 4 ѕвездички по цена од 1.830 денари, односно 2.150 денари. Егзитовата туристичка агенција Exittrip.org нуди и пакети кои покрај влезница, нудат и бројни други опции за сместување и превоз до Умаг.



Врати се горе ↑