Видео

12 март, 2018

На повидок уште една победа за Израел на „Евровизија 2018“?

На официјалниот евровизиски канал на Јутјуб вчера беше премиерно претставено и видеото за израелската евровизиска песна „Toy“, во изведба на 25-годишната пејачка Нета Барзилаи. Имено, заедно со уште три финалисти, таа се натпреварувала да биде евровизиски претставник на Израел во рамките на шоуто „Следната ѕвезда за Евровизија“, кое го организирал израелскиот национален сервис, а песната била избрана дополнително.

Она што е најинтересно за Нета е фактот што таа настапува со „лупер“, уникатен снимач на звук, кој придонесува за свежа и современа комбинација на звуци и влијанија. Токму тоа ги воодушеви евровизиските обожаватели, чии коментари гласат дека „го имаме победникот за годинава“.

Доколку Нета успее да триумфира на натпреварот, тоа ќе биде четврта победа за Израел, кој зад себе ги има двете последователни победи во 1978 и 1979 година, како и онаа во 1998 година, кога земјата ја претставуваше скандалозната Дана Интернејшнал со темата „Diva“.

Евровизиската песна на Нета е потпишана од израелскиот композитор Дорон Медали и продуцентот Став Бегер, а таа ќе се натпреварува заедно со нашите претставници „Ај кју“ во првата полуфинална вечер на 8 мај. Шареното и разиграно видео, соодветно за самата песна, можете да го слушнете и видите во продолжение. Уживајте!

И.Ј.



Врати се горе ↑