13 мај, 2013

На Евровизија Лозано ќе пее на македонски (видео)

Како што се приближуваат деновите закажани за претстојниот избор за песна на Евровизија (14,16 и 18 мај), сите учесници деновиве ги привршуваат подготовките за нивните настапи. По втората проба во Малме арената, нашата евровизиска делегација донесе конечна одлука, делот кој го пее Влатко Лозаноски Лозано да биде отпеан на македонски јазик, пишува eurovision.tv, а според коментарите, тоа ги направи среќни и бројните евровизиски фанови кои сметаат дека македонската верзија е многу поубава од англиската.

Според кореографијата, двајцата пејачи на сцената се појавуваат еден по еден и пеат на различни страни од сцената пред да се спојат на средината дури на крајот на песната. Додека трае нивната изведба, зелената, жолтата и пурпурната боја ја збогатуваат сценографијата. Есма и Лозано заедно со Нина Јанева и Елеонора Мустафова, кои ќе им прават друштво на сцената како придружни вокали, ќе настапат под редниот број 3 во втората полуфинална вечер закажана на 16-ти мај.

Во однос на изгледот, Есма на сцената во четврток во втората полуфинална вечер ќе се појави во црвен фустан со сваровски кристали, како и со нејзиниот препознатлив турбан на главата. За фустанот што за кралицата на ромската песна го дизајнираше Елена Лука употеребени се 150 метри свила и тантела, долниот дел на фустанот е во форма на роза на која се аплицирани кристали. Лозано, пак, на сцената во Малме арената ќе се појави во црн костум. Како ќе изгледа и звучи сето тоа во четврток вечер, можете да погледнете горе, а галеријата со фотографии можете да ја видите на следниот линк.

Есма ја запеа „Чаје шукарије“

Нашите претставници уште од замиот почеток привлекуваат големо внимание, а на неодамнешната прес конференција Есма дополнително ја разубави атмосферата кога ја запеа добро познатата ромска песна „Чаје шукарије“, а како изгледаше сето тоа можете да видите во продолжение.



Врати се горе ↑