Свет Men_Jim_Morrison_026917_-e1329233342635

8 декември, 2012

На денешен ден е роден Џим Морисон

На денешен ден, 8-ми декември 1943 година е роден Џејмс Даглас Морисон, подобро познат како Џим Морисон, кој беше лидер на легендарниот бенд Дорс (The Doors). Со стекнувањето на огромна популарност на бендот во 1967 година, Морисон разви зависност од алкохол и дрога која кулминираше со смрт на возраст од 27 години. Иако се шпекулираше дека почина од предозирање со хероин, на неговото тело не беше извршена обдукција, па до ден денес не е потврдена точната причина за неговата смрт.

Заради неговата дива личност и извонредни изведби, тој се смета за еден од најхаризматичните икони и пионери во историјата на рок музиката. Морисон беше рангиран на 47-мото место во листата на „100 најдобри изведувачи на сите времиња“ според Ролинг Стоун, а на 22-рото место од листата на „50 најдобри рок пејачи“ според Класик Рок магазинот.

Со неговиот бенд, Морисон сними шест студиски албуми, од кои првиот во 1967, а последниот непосредно пред неговата смрт во 1971. Заедно ги направија големите хитови „Break On Through (To the Other Side)“, „Light My Fire“, „Riders on the Storm“, „People Are Strange“, „Hello, I Love You“ и други.

За Дорс е снимен и филм во 1991 година во режија на Оливер Стоун, а улогата на Морисон ја играше актерот Вал Килмер. Филмот за жал наиде на критики дека случките не се вистинити, односно дека ликот на пејачот е погрешно прикажан. Џим Морисон почина на 3-ти јули, 1971 година во Париз.

Во продолжение да се потсетиме на неколку големи хитови од легендарните Дорси.

Hello, I Love You

 

Light My Fire

 

People Are Strange

 

Riders on the Storm



Врати се горе ↑