Аудио

27 октомври, 2016

На денешен ден е објавен последниот албум на Ејми Вајнхаус

На 27 октомври 2006 година беше објавен сега веќе култниот албум „Back to Black“ на Ејми Вајнхаус, за кој своевремено никој не ни претпоставуваше дека ќе биде последен… Летово, поточно на 23 јули, се одбележаа 5 години од нејзината прерана смрт, но и покрај тоа што таа засекогаш нè напушти, нејзината музика продолжува да живее…

„Back to Black“ беше прогласен за најдобар поп вокален албум на 50. доделување на музичките награди Греми, се искачи на првото место во бројни земји ширум светот, а со продажба од над 12 милиони примероци, сосема заслужено доби повеќекратен платинест тираж. На него се сместени и петте хит синглови „Rehab“, „You Know I’m No Good“, „Tears Dry On Their Own“, „Love is a Losing Game“ и „Back to Black“, која ја напиша Марк Ронсон и тоа само еден ден откако се запознале со Ејми.

„Ми рече дека сака да излегува во барови и клубови и да игра билјард со своето момче и да слуша ’Шангри-Лас’. Потоа и реков дека засега немам ништо за неа, но ако ми дозволи, утре ќе се вратам со некоја мелодија“, објаснил Ронсон во еден разговор со „Ајриш тајмс“ за тоа како настанала песната.

Во знак на сеќавање на овој одличен и безвременски албум, потсетете се на едни од најголемите хитови на легендарната Ејми Вајнхаус…

Извор: MTV

 



Врати се горе ↑