Македонија 1511012_1559004554311959_520158763099579991_n

27 октомври, 2014

На 25 ноември седмо издание на „МАРС 2014“

На 25 ноември (вторник) во Универзалната сала ќе се одржи седмото издание на „Македонскиот радиски фестивал“, односно „МАРС 2014“, кој годинава е посветен на јубилејот – 70 години од ослободувањето на градот Скопје, кој сите овие години финансиски го поддржува фестивалот. Изборот на најпопуларните годинешни радиохитови, како и досега, ќе биде добиен по пат на селекција од над 40 локални, регионални и национални радиостаници низ Македонија, а петнаесетте највртени песни во македонскиот радиоетер ќе се најдат на финалната вечер на „МАРС 2014“, која ќе биде директно пренесувана на првиот канал на МТВ. Листата на избраните ќе се знае во почетокот на следниот месец, кога ќе се сумираат резултатите од пристигнатите гласови од македонските радиостаници.

И годинава продуцент и организатор на ’МАРС’ е Универзалната сала, а задржани се и лани воведените правила на селектирање на песните, па така секој од 15-те учесници на финалната вечер ќе добие една или неколку различни награди во повеќе категории, како што се: поп, рок или аренби и рап-хит на годината, хит испеан од женски вокал, од машки вокал или група, балада на годината…, а тука се и категориите: случајни партнери (најдобар дует), апсолутен радиски или ФМ-хит, песна што ќе има најголем број гласови од радиостаниците, хит по избор на публиката, која ќе може да гласа преку страницата за обожаватели на „МАРС 2014“ на Фејсбук, додека за најдобриот текст на песна повторно ќе одлучуваат естрадните и музичките новинари од печатените медиуми и интернет-порталите. За ѕвезда што се раѓа ќе биде прогласено едно младо музичко име што имало најголем напредок во кариерата оваа година“, изјави Антонио Димитриевски, проект-менаџер на фестивалот.

Наградата за трајни вредности ќе му биде доделена на изведувач или на група што има отпеано еден македонски евергрин, овој пат посветен на градот Скопје и, конечно, наградата за ѕвезда од соседството, чии песни биле меѓу најпопуларните во македонскиот радиоетер во тековната година, ќе отиде кај едно големо музичко име од регионот, кое ќе биде и специјален гостин на фестивалот. Годинава тоа е една од најсексапилните и најпопуларни хрватски поп-пејачки.

Минатогодишниот апсолутен радиски хит беше темата „Запомни, тоа е сè што имаме“ од „Нокаут“, со која можете да уживате во продолжение, а кој сè беше награден минатата година можете да се потсетите овде.

Извор: Нова Македонија/ Фотографија: Фејсбук



Врати се горе ↑