Македонија

29 јули, 2013

Музиката на „Трипнотик“ во емисиите на Ен-би-еј, Ју-еф-си и Ем-ти-ви

Младиот македонски продуцент и диџеј Емил Хаџи-Панзов, кој својата  музика ја потпишува со псевдонимот „Tрипнотик“ (Тripnotic), повторно е присутен на американските телевизиски мрежи, пренесува  Cooltura.mk. Најсилната светска кошаркарска лига Ен-би-еј (NBA) повторно ја користи неговата песна Fresh Paint“. Нумерата се појавува во разни видео клипови направени за потребите на емисиите на телевизијата на Ен-би-еј.

И американската „ултимејт фајт“ асоцијација Ју-еф-си (UFC) по втор пат употребува песна потпишана од Хаџи-Панзов. Откако минатата година во емисијата Countdown to UFC ја користеше песната Monkey Face, сега се одлучи да ја употреби Fresh Paint“ во специјалната емисија Road To Octagon, која се емитува на сите позначајни спортски телевизиски мрежи во САД.

Иако се чини дека музиката на „Трипнотик“ е особено атрактивна за спортските програми, негови песни во изминатиов период беа дел и од документарни, забавни и информативни емисии во САД, Велика Британија, Мексико и Австрија, а последниот позначаен пласман беше за песната Phantom во информативната емисија „Sex, News and Rock’n’Roll“ на Ем-ти-ви Канада.



Врати се горе ↑