Македонија

1 февруари, 2018

Музиката на новиот албум е мајчиниот јазик на Влатко Стефановски

Новиот албум на Влатко Стефановски, насловен „Мајчин јазик“, денеска беше промовиран пред македонската публика. Иако албумот е објавен пред неколку месеци под етикетата на издавачката куќа „Кроација рекордс“, тој дури сега беше официјално претставен пред овдешната публика. „Мајчин јазик“ доаѓа три години по неговиот последен албум „Сеир“, но за разлика од тој, новиов донесува десет инструментални верзии на македонски народни песни, но и теми од опусот на „Леб и сол“.

Идејата за ваков албум датира уште пред дваесетина години, но никогаш не доаѓаше ред да се реализира тоа. Сега дојде моментот за тоа. Ова практично претставува едно мое мало интимно парче музика. Песните на албумот не се преработка на македонскиот фолклор, како што многумина милуваат да кажат, туку јас им давам мој ракопис односно потпис на веќе познатите песни од македонската културна и музичка традиција“, рече Влатко Стефановски на вчерашната промоција на албумот.

Меѓу песните на албумот „Мајчин јазик“ се „Бистра вода“, „Успаванка за Радмилу М“, „Јано мори“, „Димитрио, сине Мите“, „Македонско девојче“, како и „Зошто си ме мајко родила“, која е посветена на Стево и на Есма Теодосиевски. Како бонус-песна, која е единствена вокална на албумот, е „Море сокол пие“, која Стефановски ја изведува заедно со Раде Шербеџија, кој ги пее стиховите на оваа позната македонска песна.

Албумот го насловив ’Мајчин јазик’ затоа што оваа музика за мене е мајчин јазик. Тоа не е во контекст на текстуалниот или вокалниот дел, туку на музичкиот. Во последно време сѐ повеќе се насочувам кон тоа што најдобро го знам, а тоа е свирењето. Но за да се сними ваков албум, потребно е да ја имате вистинската енергија, односно што би се рекло народски, да се погоди моментот“, додаде Стефановски. Тој потврди дека голем дел од материјалот е снимен од прва, без да се прават неколку пробни верзии и свирења на темите. Исто така, Стефановски рече дека албумот е снимен во еден минималистички манир со само еден микрофон и без премногу дополнителни технолошки помагала.

„Во моментов сите сме загрозени од големата технолошка агресија што се случува во светот. Сѐ повеќе стануваме зависни од технологијата, што воопшто не е добро за никого, особено за креативците. Затоа решив да направам албум што ќе има душа. Во еден момент дури имав идеја целиот албум да го снимам и во моноверзија. Една од моите главни тези е дека што помалку си амбициозен, толку правиш подобар производ“, рече Влатко Стефановски.

Албумот „Мајчин јазик“ ќе биде концертно промовиран на 17 март во салата на Македонската филхармонија. Како гости на концертот ќе се појават македонскиот состав „Љубојна“, како и Биља Крстиќ од соседна Србија. По настапот во Скопје, Стефановски концертно ќе го промовира албумот и во Белград, во Љубљана, а ќе има и еден концерт во Виена.

Инаку, албумот „Мајчин јазик“, доаѓа со интересна насловната страница, на која се наоѓа фотографија од неговата мајка Нада, во улога на Маша од драмата „Жив леш“ на Толстој. Оваа слика што датира од доцните 1940-ти, му дава на албумот посебна емоционална вредност, а исто така упатува и на инспиративно уметничко опкружување во кое Влатко Стефановски созревал како музичар и уметник.

Извор: Нова Македонија  /  Фотографија: Маја Јаневска-Илиева 



Врати се горе ↑