Настани 64422_291229641010714_320626324_n

23 април, 2013

Музички бунтовници на Аква Парк Фест

Ви го претставуваме новиот бран на артисти кои се приклучуваат на листата со музички имиња кои го потврдија својот настап на првото издание на АКВА ПАРК ФЕСТ, кој ќе се одржи на 24-ти и 25-ти мај во Пробиштип. Овој пат кон листата на Аква Парк Фест изведувачи се приклувуваат моментно најдобрите претставници на македонската музичка сцена, предводници на различни музички стилови.

На задоволство на најпребирливите и оние кои секојпат трагаат за нешто подобро, еден од хедлајнерите на Аква Парк Фест ќе биде и македонскиот пост-панк бенд БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА, кој веќе го потврди својот статус како еден од најдобрите нови бендови во регионот кој наметна нови стандарди за инди-музичарите. Во изминативе 6 години постоење, бендот има одржано повеќе од 300 концерти, а во моментов е на маратонска турнеја во која се вклучени 64 концерти низ Европа. На оваа турнеја Бернајс Пропаганда го промовира својот трет студиски албум „Забранета планета“. Новото исклучително издание беше објавено во февруари годинава, а воодушевувајќи ги рецензентите ширум регионов, го одреди бендот како име кое претставува врв на постпанк културата. Препознатливиот бунтовен звук и социјално ангажирана музика која го претставува и овој албум, Бернајс Пропаганда ќе го претстави и пред публиката на Аква Парк Фест.

Цврстиот звук на Аква Парк Фест доаѓа со настапот на SMUT, легендите на македонскиот хардкор кои веќе седумнаесет години важат за херои на вљубениците во овој моќен музички стил. Самото име на овој бенд е гаранција за незаборавно енергично искуство, а со секој свој концерт демонстрираат дека нов врв на концертната хардкор експлозивност. Потврда за својот успех Smut добија имајќи чест да настапуваат на иста сцена со бендови како Sick Of It All, Biohazard, Integrity, Hatebreed, Madball, Ignite, Defdump, Born from Pain, Death Before Dishonor. Smut на Аква Парк Фест доаѓаат наоружани и со одлично оценетиот материјал од својот последен четврти албум „Мемоарите на скршениот човек“, кој беше објавен за издавачката куќа Password Production.

Посебно концертно уживање на првото издание на Аква Парк Фест ќе биде настапот на FOOLISH GREEN. Групата неодамна го објави својот прв албум „Escape“, едно од ретките психоделик поп / рок’н’рол изданија на нашите простори. Концертната промоција на деби изданието на овој состав беше своевиден феномен на македонската сцена резултирајќи со два целосно распордадени концерти. Нивното прво лонг-плеј остварување ги собира одличните оценки на рецензиите и од музичките медиуми во регионот, кои за Foolish Green рекоа: „Она што се Палма Вајлетс на почетокот од годината на странската сцена, тоа со сигурност би можеле да бидат Foolish Green на регионалната сцена (…). Да доаѓаат од Британија, сигурно би биле ‘најдобриот бенд на светот“. (музика.хр)

Покрај Бернајс Пропаганда, Smut и Foolish Green, од музичката програма на фестивалот веќе се потврдени настапите на ѕвездите од светската денс сцена, MARK KNIGHT – британскиот диџеј и автор на некои од најголемите хитови во последните 10 години и холандската денс атракција SUNNERY JAMES & RYAN MARCIANO, но и настапот на еден од најзначајните композитори, продуценти и диџеи на балканската електросцена – КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, кој на Аква Парк Фест ќе настапи во придружба на извонредните ТК Вондер (TK Wonder) и Гето Прист (Ghetto Priest). Гаранција за незаборавна фешта ќе бидат момците од нашата најактивна банда инструментале СУПЕРХИКС – бендот кој и официјално го освои признанието за најдобриот одржан концерт во 2012; ФОЛТИН и нивниот единствен препознатлив звук кој стана омилен на публиката; еден од најдобрите бендови од Тетово, реге-даб колективот CONQUERING LION; како и регионаните миленици С.А.Р.С., артистите препознатливи по секогаш одличната забава на нивните концерти.

АКВА ПАРК ФЕСТ ќе се одржи на просторот на првиот Аква Парк во Македонија, лоциран во Пробиштип. Фестивалскиот простор покрај фестивалските бини и Аква Паркот со различните водени атракции кои тој ги нуди, е опремен и со посебен кампинг простор, спортски терени, богата понуда на разновидна храна, повеќе посебно организирани делови за многуте забавни содржини на фестивалот, а сето тоа гарантира несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо.

Ве потсетуваме дека веќе е во тек и претпродажбата на „earlybird“ влезниците со кои најбрзите купувачи имаат можност да бидат дел од Аква Парк Фест за специјална промотивна цена. Во оваа понуда достапни се два вида влезници и тоа:

• фестивалска влезница од 700 денари (во која е вклучен бесплатен камп простор и бесплатно користење на Аква паркот и водените атракции за двата дена од одржување на фестивалот)

и

•  еднодневна влезница од 400 денари (во која е вклучено бесплатно користење на Аква паркот и водени атракции за денот за кој ја купувате влезницата).

Овие билети ќе се продаваат во ограничен број, а ќе можат да се купат во продажните салони на One низ Македонија, продажните салони на Office Plus и продажната мрежа на МКтикетс.

Ги потсетуваме сите демо бендови дека утре (24-ти април) се затвора конкурсот кој им нуди шанса да ја почувствуваат фестивалската атмосфера со настап пред бројна публика. Денес е последниот ден за сите неафирмирани македонски бендови, артисти и диџеи кои свират авторска музика и кои немаат официјално издание за некоја продуцентска куќа, а кои да бидат дел од фестивалкиот лајн-ап на Аква Парк Фест. Пријавувањето се спроведува на и-мејл адресата info@password.mk , на која треба да испратите две авторски песни (во било кој аудио формат), кратка биографија и фотографија од бендот .



Врати се горе ↑