Македонија mrt-za-najdobrite

16 февруари, 2014

„МРТ за најдобрите“ – македонски Оскар во заштита на националните вредности

Вечерва, 16-ти февруари, на свечената манифестација во Македонскиот народен театар, МРТ ќе додели признанија за најуспешните во 19 различни категории. Луѓе, настани и дела како инвестиција на годината, град на годината, кампања, пронајдок, хуманист, туристичка понуда, филм, книга, уметник, проект, подвиг, хит од забавната и фолк музичка сцена, фестивал, спортски успех, менаџер, признание за општествена одговорност, театарска претстава, се деветнаесетте категории од општествено–културниот живот што ќе бидат издвоени како најуспешни и највлијателни во Македонија.

Цел на проектот „МРТ за најдобрите“ е промовирање на националната репрезентативна улога во откривање, следење, проучување, истражување и презентирање на националните вредности и достигнувања.

„Јавниот сервис, МРТ има задача да креира вкус и да наметне приоритети и критериуми, параметри, норми при создавање брендови и настани од национален интерес. Преку своите емисии, обработува теми од доменот на економијата, културата, образованието, науката, здравството, социјалата, спортот и забавата, а редакциите преку своите новинарски приказни во текот на целата година емитуваат прилози кои афирмираат личности, настани, актуелни теми, кампањи, настани, случувања. За да не се создаваат вредности од минлив карактер, МРТ го заштитува и она што консументот го бара, создава база за реална и здрава конкурентска битка, од големиот број настани и збиднувања да се одберат вистинските, оние кои по стручна проценка и совест имаат вредност да ја понесат титулата ‘Најдобар’“ – изјави Мери Попова, уредник на забавна програма на МТВ.

Овој проект на МРТ претставува своевиден омаж на 70 години македонско радио и 50 години македонска телевизија. Македонскиот јавен сервис, оваа година за првпат ревијално ги промовира македонските вредности со заложба за континуирано следење на истите и воспоставување на манифестација со трајни вредности! Во текот на целата година низ програмите на МРТ, низ емисиите редовно ќе се третираат актуелни теми, настани, приказни за обичните луѓе-херои, хуманисти, менаџери, културни настани, економски дострели, инвестиции, спортски достигнувања, естрада и слично.

 



Врати се горе ↑