10 февруари, 2014

МРТ ќе доделува признанија за најдобрите

Македонската радио телевизија ќе додели признанија за најуспешните во 19 различни категории од општествено – културниот живот. Манифестацијата наречена „МРТ за најдобрите“ својата премиера ќе ја има на 16-ти февруари 2014 година во Македонскиот народен театар со директен пренос на националниот сервис. МРТ го иницира овој проект во година кога се навршува 70 години македонско радио и 50 години македонска телевизија.

„Со тенденција да прерасне во традиционална, оваа манифестација има за цел да им оддаде почит на личности и дела, чиишто заложби, достигнувања, инвентивност, позитивен ефект врз заедницата и одговорностите инспирираат и ги потврдуваат националните и општо човечки вредности“ – изјави Мери Попова, уредник на забавна програма на МТВ.

Ќе бидат доделени признанија во 19 категории, во различни сегменти од општествениот и деловниот сектор, инвестиција на годината, град на годината, кампања, пронајдок на годината, хуманист, туристичка понуда, филм, книга, уметник на годината, проект, подвиг, хит од  забавната и македонската фолк музичка сцена, фестивал на годината, спортски успех, менаџер, признание за општествена одговорност, театарска претстава и настан коишто ја одбележаа 2013тата година.

„Мрт за најдобрите“ за 2013тата година има ревијален карактер и е креирана според критериумите на новинарите од различните сектори и области на секојдневно работење од  крајот на 2012 и 2013тата година.

„Признанието што ќе им биде доделено на 19-те најдобри е статуетка чијшто идеен концепт и симболика се рефлектира низ индивидуалноста и посебноста на секој од елементите, кои само заеднички го создаваат единството, а со тоа ја потврдуваат и заедничката вредност, цел и посветеност. Вредностите како и достигнувањата на исклучителните поединци или групи, се преточени не само во самата манифестација туку и во изгледот на статуетката“ – дополнува Попова.

Вечерта посветена на најдобрите ќе биде збогатена со изведби на познати естрадни и уметнички имиња како Каролина Гочева, Тамара Тодевска, дел од ансамблот на Македонскиот Народен Театар и Детскиот хор, како и Биг Бендот на МРТ.



Врати се горе ↑