Македонија eurovision-song-contest-logo

7 ноември, 2017

МРТ го подмири долгот кон ЕБУ, се очекува официјална потврда за учество на „Евровизија 2018“

Европската радиодифузна унија (ЕБУ) ги укина санкциите за Македонската радиотелевизија, која се соочуваше со забрана за емитување на содржини како што се спортски првенства, документарни и играни филмови, но и музички фестивали, меѓу кои популарната „Евровизија“. Имено, меѓу МРТ и ЕБУ деновиве се одржа средба на највисоко ниво, каде што беше решено да се укинат сите санкции кон МРТ и сите сервисни услуги што ги нуди ЕБУ се достапни на Македонската радио телевизија во целост, а сето тоа е детално образложено во соопштението од МРТ.

Деновиве беше објавена и годишната програма за работа на МРТ за 2018 година, каде што се вкучени преносите на музичките фестивали „Евровизија“, „Скопски фестивал“, „Макфест“, „Цветници“ и тн., а и покрај тоа што Македонија се наоѓа на прелиминарната листа со учесници за „Евровизија 2018“, сè уште се очекува официјална потврда за нашето учество на претстојниот фестивал, како и за начинот на избор за изведувач и песна.

Во некои од изминативе години, нашиот претставник беше победникот на „Скопски фестивал“, кој паузира веќе втора година со ред, откако лани не се одржа заради забраната од ЗАМП за емитување на македонска музика.

После годинашната историска победа на Португалија, „Евровизија“ в година ќе се одржи во португалската престолнина Лисабон, а националниот сервис РТП неодамна потврди дека учество ќе земат вкупно 43 земји, па дополнителни детали се очекуваат наскоро. На прелиминарната листа, освен Македонија, се наоѓаат и нашите соседи – Албанија, Бугарија, Грција и Србија, како и Хрватска, Црна Гора и Словенија, а повторно ќе отсуствува Босна Херцеговина, додека после годинашниот скандал и забрана за учество на руската претставничка Јулија Самојлова, Русија повторно ќе се врати на евровизиската сцена.

Трите фестивалски вечери се закажани за 8, 10 и 12 мај, а дали и кој ќе ги брани боите на нашата земја во Лисабон ќе дознаеме наскоро. Во меѓувреме, на 26 ноември ќе навиваме за нашата претставничка на детската „Евровизија“, Мина Блажев, која во Малта ќе се натпреварува со песната „Dancing Through Life“.

И.Ј.



Врати се горе ↑