Видео 21307_1563041130651524_870530968695921933_n

15 мај, 2015

„Мрџ“: „Почестени сме што учествуваме на Евровизија“

Американското трио „Мрџ“ составено од поранешни членови на легендарната ар-ен-би група „Блекстрит“, кое годинава ќе го придружува нашиот претставник Даниел Кајмакоски на „Евровизија 2015“, одлично го користи учеството на манифестацијата и за промоција на својот нов проект и музиката којашто допрва ќе ја претстави пред публиката и љубителите на ар-ен-би звукот. Имено, по заминувањето од „Блекстрит“, Марк Мидлтон и Ерик Вилијамс ги здружија силите со Џереми Хана, основајќи ја издавачката куќа „Фју гуд мен“ (Few Good Men) и проектот „Мрџ“ (Merj).

Музичарите, кои зад себе веќе имаат бројни награди, меѓу кои и престижната Греми, Ем-ти-ви, Би-и-ти (BET) и други, во кусото интервју за „ESCKAZ“ изјавија дека наскоро треба да очекуваме нова музика, а на прашањето во каков стил ќе биде таа, одговорија: „Ние отсекогаш сме се нарекувале ’хеви ар-ен-би’ изведувачи, тоа го правевме и со ’Блекстрит’, така што нема да биде многу поразлична од онаа со којашто израснавме, но благодаение на работата со денешните продуценти, ќе звучи посвежо и современо.“

На прашањето како ар-ен-би музиката се вклопува во оваа манифестација, тие рекоа: „’Хеви ар-ен-би’ е всушност мешавина од сите музички стилови, па токму тоа ќе го добиете од ’Мрџ’, бидејќи тоа сме ние и за нас не постојат граници (во музиката). Ќе слушнете одлични вокали, одлични песни и одлична продукција.“

За тоа како се чувствуваат што ќе настапат пред публика од 200 милиони гледачи, музичарите велат дека се „благословени, почестени и благодарни“ што ја имаат таа можност. За самиот крај отпеаја дел од новиот материјал, а како звучи сето тоа слушнете во интервјуто во продолжение.

 

„Мрџ“ можете да ги следите на Фејсбук, а во вторник ги гледаме во првата полуфинална вечер заедно со Даниел под реден број 8! Среќно!



Врати се горе ↑