Балкан

19 февруари, 2019

„Можда је то љубав“ е новата песна на Жељко Јоксимовиќ

Жељко Јоксимовиќ деновиве ја претстави својата нова песна насловена „Можда је то љубав“, за која откри дека е снимена во еден „тејк“, за само 24 часа, во еден здив.

„Горд сум на тоа што песната ја направивме сите одеднаш, што се вели ’на три, четири, сега’. Како што се правеше некогаш. Сè на траката. Аналогно. Само ги доснимивме гудачите. И еве ја, песната стигна. За денот на вљубените, за љубов“, рече тој.

„Песните во кои музиката и вокалот се снимени одеднаш, се мошне ретки. Уште од седумдесеттите години на минатиот век, а особено од деведесеттите кога компјутерите ’влегоа’ во музичките студија, песните се прават така што се снима инструмент по инструмент, или во некои случаи дури и се програмира музика, со користење на соодветни софтвери“, објаснува Жељко, додавајќи дека потоа се работи музичката матрица и се пее вокалот, а деталите се усовршуваат со денови, па и со недели, додека не се постигне саканиот резултат.

Затоа песната „Можда је то љубав“ е преседан, бидејќи ги сублимира емоциите на инструменталистите и на пејачот. Музиката е на Жељко, а текстот стигна од познатиот автор Фахрудин Пецикоза.

„Пецикоза неодамна ми прати текст во телефонска порака, баш како што своевремено направи и за ’Миљацка’. Стиховите ги прочитав во еден здив, а интересно ми беше тоа што на прво читање текстот беше едноставен, а истовремено животен и длабок“, раскажа Жељко за тоа како се роди оваа песна, а мелодијата „стигнала“ во необичен момент, во налет на инспирација.

„Додека патував кон аеродромот, седев на бродот и ја искомпонирав мелодијата. Песната по структура е балада, а таква не сум снимил уште од ’Леѓа о леѓа’“, рече музичарот. Неколку дена подоцна, бендот се собрал во студиото „Минакорд“, каде што се создава музичката магија на Жељко.

Навистина ретко се случува сè да снимиме така лесно, брзо и уиграно. По неколку дена го снимивме и видеото, навистина уживавме додека ја создававме песна, па се надевам дека ќе им се допадне и на моите слушатели“, заклучи тој.

 

Извор: Телеграф.рс / Фотографии: НН Медија 

 



Врати се горе ↑