Свет tdl

31 март, 2015

Можат ли најголемите ѕвезди да го променат светот (на музиката)?

Џеј Зи има амбициозни планови за музичката индустрија и тие веќе почнаа да се реализираат. Во понеделникот вечерта во Њујорк се собра дел од најголемите ѕвезди на музичката сцена со цел да потпишат заеничка декларација и да го означат почетокот на работата на новиот сервис за слушање музика – „Тајдл“ (Tidal). Бијонсе, Ријана, Канје Вест, Џек Вајт, „Аркејд фајр“, Ашер, Ники Минаж, Крис Мартин (Колдплеј), Алиша Киз, Келвин Харис, „Дафт панк“, Дедмаус, Џејсон Алдин, Џеј Кол и Мадона му се придружија на познатиот рапер во намерата да го променат начинот на којшто функционираат бројни популарни сервиси за емитување на музика.

Не е тешко да се забележи дека Џеј Зи за соработници за оваа пригода ги избрал најголемите ѕвезди од најпопуларните музички жанрови.

„Луѓето не ја почитуваат музиката и го обезвреднуваат нејзиното значење“, изјавил Џеј Зи во разговор за „Билборд“. „Луѓето мислат дека музиката треба да биде бесплатна, но затоа даваат по 6 долари за шише вода. Можете да пиете и вода од чешма, и таа е добра вода. Во прашање е само начинот на размислување.“

На претставувањето на „Тајдл“, чиј пренос во живо можеа да го проследат фановите ширум целиот свет, говореше и Алиша Киз, која нагласи дека ова е првиот сервис којшто со здружени сили го лансираат музичари, со цел да им го овозможат најдоброто можно искуство на своите фанови.

Лансирањето на „Тајдл“ беше проследено и со здружување на силите со „ВиМП“ (WiMP), а двата сервиса соработуваат под закрила на шведската компанија „Аспиро“, која Џеј Зи ја купил неодамна. На целата приказна ѝ претходел таен состанок, одржан уште пред доделувањето на Греми наградите, на кој покрај Џеј Зи и Бијонсе, присуствувале и Канје Вест, „Дафт панк“, Ники Минаж, Крис Мартин, Џек Вајт и Мадона, а на секој од нив му бил понудел и дел од сопственоста на „Тајдл“ (по 3%).

Новиот сервис по цена 19,99 долари месечно нуди преслушување музика и прегледување на видео материјали со највисок квалитет, а постои и помал пакет, кој чини 9,99 долари месечно. Покрај тоа, како што најави Алиша Киз, уметниците на своите фанови ќе им нудат и бројни изненадувања и премиери на нови песни, видео записи, апликации…

Така сите ѕвезди кои потпишале договори, како и оние кои допрва ќе го направат тоа, своите нови содржини ќе ги објавуваат премиерно на „Тајдл“. Меѓу првите ексклузиви се шпекулира дека ќе биде и новиот албум на Ријана, а неодамна е објавено дека и Тејлор Свифт, која минатата година го повлече целиот музички каталог од „Спотифај, потпишала договор и сите свои песни им ги понудила на корисниците на „Тајдл“.

Најголемите конкуренти на „Тајдл“ се секако „Спотифај“, кој има 15 милиони корисници и „Дизер“, со 6 милиони корисници.

Извор: „Билборд“ преку „Ем-ти-ви“



Врати се горе ↑