Настани

27 февруари, 2019

Мјузиклот „Зона Замфирова“ на 3 март во МНТ

Мјузиклот „Зона Замфирова“ во изведба на ансамблот на Театарот на Теразије од Белград, на 3 март во 19 часот ќе биде одигран на сцената на Македонскиот народен театар.

Мјузиклот е по делото на Стеван Сремац и во режија на Кокан Младеновиќ, а во претставата главните улоги ќе ги толкуваат Александар Вучковиќ, како Манасије, Мане, златар; Зона, Хаџи Замфирова, ќерка е Ивана Поповиќ; Хаџи Замфир, чорбаџија – Небојша Дугалиќ; Дока, стројничка, тетка на Мане-Даница Максимовиќ; Манулаќ, Нишлија со Европски манири го игра Слободан Стефановиќ; Јевда, мајката на Мане е Маја Новељиќ; Чорбаџи Таса, вујкото на Мане -Десимир Станојевиќ, а Таска, тетката на Зоне – Ивана Кнежевиќ…

Во мјузиклот покрај актерите учествуваат и хорот и оркестарот од Србија, композитор е Марко Грубиќ, а текстот и сонговите се на Кокан Младеновиќ.

Стеван Сремац своето најпознато дело, кое имаше и своја филмска адаптација, го напиша според вистинскиот настан кој се одиграл во Приштина, кон крајот на 19. век. Целата приказна тој ја слушнал од Бранислав Нушиќ, кој во тоа време бил на служба во Приштина како конзул. Единствениот услов на Нушиќ бил да не се споменува каде се случил настанот и Сремац дејствието го сместил во Ниш.

Мјузиклот, како впрочем и филмот, веднаш по својата премиера во 2012 година во Театарот на Теразије во Белград стана хит, а минатата година ја доживеа и својата стота изведба.

Гостувањето е во рамките на одбележувањето на Денот на Република Србија и денот на Војската на Република Србија, што ќе почне на 2 март (18.30) со свечен прием и културна програма во МНТ на која ќе се обрати Н.Е. амбасадор на Република Србија во Република Северна Македонија – Душанка Дивјак Томиќ (19.30). Истата вечер во рамките на културната програма за присутните ќе биде одигран мјузиклот „Зона Замфирова“.



Врати се горе ↑