Македонија ffcd65d5-b0e0-4c2e-96d3-c76c566f4e6e

29 април, 2013

Мјузик прогресив ја промовира македонската музика

Македонскиот камерен ансамбл Мјузик прогресив квартет по четврти пат реализира успешни концерти и предавања на Северноамериканскиот континент, преку кои ја промовира и македонската музика, пренесува Макфакс. По покана на симфонискиот оркестар Вест Коуст“ од Ванкувер, Канада, камерниот квартет во овој град реализираше два концертни настапи на 26 и 28 април, кои се во рамките на редовната концертна годишна програма на овој оркестар.

Соработката на македонскиот квартет и канадскиот оркестар датира од 2012 година, кога членовите на квартетот настапија како солисти со овој оркестар на нивната балканска турнеја на фестивалите Скопско лето, Штипско Културно лето, Битфест и Кочани – Град на културата на РМ. За овие концерти настапи, квартетот Мјузик прогресив се здоби со наградата „Виртуози“ за најдобар камерен ансамбл во 2012 година, награда која се доделува за годишни остварувања во класичната и современата музика во РМ и е под покровителство на Министерството за култура и во организација на Сојузот на Композитори.

Покрај концертите со „Вест Коуст симфони”, квартетот имаше концертен настап и одржа музичка работилница на тема „Македонска музика и неправилните ритмови“ за учениците на училиштето Св. Џон од Ванкувер, како и два концертни настапи во центарот „Арт Хаус“ и познатиот џез клуб „Лусид“. Последен на агендата ќе биде настапот во џез клубот „Селерс“ во Ванкувер, каде што на квартетот ќе го промовира музички материјал од нивниот најнов носач на звук „Дриминг“. Овој концерт водено ќе биде и завршен концерт на десетдневната турнеја на овој состав на Западниот брег.

Music Progressive Quartet е камерен музички ансамбл, формиран во 2007 година и во кој членуваат обоистот Владимир Лазаревски, виолинистот Владимир Крстев, композиторот и виолист Марко Виденовиќ како и челистот Паскал Краповски. Главна идеја и воедно движечка сила на овие млади музичари беше да донесат нов звук на светската музичка сцена, презентирајќи го успешно македонскиот традиционален фолклор со влијание на модерниот џез, и сето тоа отсвирено оргинално на инструменти кои најчесто се застапени во класичната музика.

Music Progressive Quartet реализираше голем број концерти низ Македонија, како и во странство. Нивниот најзабележителен настап се случи во, октомври 2009 година, во познатиот џез клуб во Виена „Porgy & Bess“. Квартетот имаше свој самостоен концерт, како и настап на концертот на познатиот македонски џез музичар Тони Китановски. Портфолиото на квартетот вклучува настапи на фестивали и сцени како: „Blues and Jazz Rallye“ во Луксембург, „Balkan music nights“ во Конкорд, САД, „Geza Balazs Gari jazz festival“ во Кикинда,Србија, „Денови на словенска писменост“ во Москва, „Ensemble studio theatre“ и „Drom“ во Њујорк, „Lilypad“ и „Longy”“во Бостон, „Битфест“ во Битола, „Скопско Лето“ и „Modooars“ во Скопје и други.

Членовите на Мјузик Прогресив квартет секојдневно заеднички музицираат и соработуваат во Македонската Филхармонија и на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На репертоарот на овој камерен состав се наоѓаат музички композиции напишани специјално за овој квартет од Марко Виденовиќ, Дуке Бојаџиев, Гоце Гавриловски, Тони Китановски и др.

 Во 2009 година, квартетот го издаде својот прв носач на звук „Стрим“. Во 2013, квартетот го промовира својот втор носач на звук „Дриминг“. Во продолжение уживајте во одличните изведби на овој квартет.

Извор: Макфакс



Врати се горе ↑