Аудио b-kr-mw

24 мај, 2014

Мишел сними заедничка песна со Бијонсе и Кели Роланд

Од последниот заеднички проект на групата Дестинис Чајлд поминаа веќе осум години, па токму затоа неодамна објавената заедничка песна на поранешните членки на триото Мишел Вилијамс, Бијонсе и Кели Роланд заедно со Соланж Ноулс, темата „Say Yes“ е вистинско изненадување. Како што пренесуваат американските медиуми, песната всушност е преработка на госпел песната „When Jesus Says Yes“, чија продукција ја потпишува Хармони Семјуелс.

Мишел Вилијамс веќе подолго време го подготвува својот нов студиски албум „Journey To Freedom“, кој веќе го најави со синглот „Fire“. Иако сè уште нема официјален датум на издавање, изданието се очекува да излезе летово, а за новата песна се снима и видео запис кој ќе биде прв заеднички спот за Дестинис Чајлд од 2005 година и хуманитарниот проект „Stand Up For Love“. По распаѓањето на триото во 2006 година, девојките во изминатиов период соработуваа и за темата „Nuclear“ која се најде на компилациското издание „Love Songs“ објавено на почетокот на минатата година, како и за една песна од актуелниот албум „Talk a Good Game“ на Кели Роланд.

Аудио верзијата која „протече“ на интернет деновиве е всушност недовршена, а официјалната и финализирана верзија веројатно ќе биде претставена заедно со видео записот на 2 јуни. Како звучи оваа првична снимка (доколку не е отстранета) можете да слушнете во продолжение.

 

 



Врати се горе ↑