Балкан SONY DSC

19 јули, 2013

Мирослав Тадиќ ја слави македонската музика

Со констатацијата дека „заради самоиницијативата за промоција на македонската музика ширум светот, на Мирослав Тадиќ треба да му се изгради барем мал споменик во Скопје“ – рецензентот на реномираниот портал Музика.хр – Зоран Тучкар ја завршува критиката за концертот кој овој светски гитарист деновиве го имаше на сцената Амадео во Загреб, пренесува МММ.

Настапот во Загреб, Мирослав го искористи за промоцијата на својот најнов соло-албум – Мирина, неодамна објавен под етикетата на Кроациа рекордс. На албумот, кој беше оценет со пет ѕвездички, меѓу обработките на песните на Арсен Дедиќ (Дида мој), Шарло Акробата (Она се буди), Оливер Драгојевиќ (Пицаферај), Петар Грашо (Вриме Божје)…, се наоѓа и македонската традиционална песна Саноќ седам Трено“.

Но, да му се вратиме на концертот во Загреб, на кој Мирослав ја промовираше македонската музика. Во репертоарот доминираа песните од регионот, но, сепак, најголем простор му беше отстапен на македонското културно творештво: Македонско девојче, Излези видо чудо да видиш, Море Чичо рече да ме жени, Прошета се Јовка Кумановка, Калајџиско оро, Стојане, сине, Стојане...
Секоја чест, Мирослав.

Мирослав Тадиќ, еден од најголемите вљубеници во македонската музика во светот, по школувањето во Белград, кариерата ја продолжи во Америка. Работи како професор на академијата на уметности во Лос Анџелес, снима и настапува. На македонската јавност посебно ѝ е познат по соработката со Влатко Стефановски, со кој кон крајот на 90-тите го сними култниот албум „Крушево“, а истиот тим ги потпишува и Live in Belgrad“, „Live in Zagreb“, „Трета мајка“.

Освен со Стефановски, под закрилата на продукцијата Трето уво од Скопје, Тадиќ имаше соработка и со легендарната македонска пејачка на изворни песни – Вања Лазарова. Заедно го реализираа проектот „Лулка“, а на албумот „Ритмистика“, Мирослав за Лазарова ја аранжираше народната тема Таму ле, долу, вода ми дотече“Тадиќ соработуваше и со многубројните уметници од Балканот, меѓу кои се Јадранка Стојаковиќ, Раде Шербеџија, браќата Теофиловиќ, со кои лани го сними албумот „Видарица“, кој полека го освојува светот…

Во продолжение уживајте со нашата позната „Јовано, Јованке“ во изведба на Стефановски и Тадиќ.



Врати се горе ↑