8 октомври, 2017

Мина Блажев ќе нè претставува на детскиот Евросонг со „Dancing Through Life“

Во рамките на емисијата „Стисни плеј“ на МРТ денеска премиерно беше прикажана песната „Dancing Through Life“, со која талентираната Мина Блажев ќе нè претставува на годинешното јубилејно, 15. по ред издание на детската Евровизија што ќе се одржи на 26 ноември во грузиската престолнина Тбилиси.

И овој пат комплетен автор на песната е композиторот и продуцент Александар Масевски, а стиховите се отпеани на македонски и на англиски. Потенцијалниот хит е спакуван со одлично видео, а како изгледа и звучи сето тоа можете да погледнете горе.

Инаку, ова ќе биде 13. учество за Македонија на оваа јуниорска верзија на „Евровизија“, а Мина ќе се натпреварува со претставниците на уште 15 земји. Веројатно поттикната од историскиот успех на стандардната „Евровизија“, по пауза од 10 години, во натпреварот се враќа и Португалија, а пауза ќе направат Бугарија и Израел, додека од регионот, покрај Македонија, ќе учествуваат и Албанија и Србија.

Иако Грузија по рекорден трет пат победи на фестивалот, годинава првпат ќе ја има улогата на домаќин, а манифестацијата ќе се одржи во Олимписката палата во главниот град Тбилиси. И посакуваме многу среќа на Мина и ја бодриме до победа!



Врати се горе ↑