Промоции Millko Cover front

18 февруари, 2016

„Милко“ со концертна промоција на новиот албум

Скопскиот бенд „Милко“ ќе го промовира својот последен студиски албум насловен „Милко“. Концертната промоција е закажана за сабота, 20 февруари од  22 часот во Младинскиот културен центар во Скопје – денсинг сала 25 Мај. Новиот албум на „Милко“ можеби ја носи нивната најискрена и најдиректна музичка експресија до сега, што изобилува со имагинарен занес и креативна страст проткаени низ нивниот обид за јасна и вистинска, автентична дијагноза за градот и времето.

„Милко“ се мелодичен инди бенд кој постои од 2006 година и досега имаат издадено два албуми – „Луѓе“ и „Милко“, два мини албуми „Don’t let them win“ и „Changes“, како и проект албумот „Никотин“, сите за издавачката куќа „Пи-ем-џи рекордингс“ – Скопје.

Во нивниот чист поп сентимент, врисокот на гитарите што предат во каскадата од вдахновен ритам, ја следат дистописката приказна која пак со автентична доза на компетенција и срце раскажува за насекаде херметичкиот и резигниран свет, за градот што не препознава херои, за личните идентитети, привиденија и соништа.

Албумот е снимен во студиото „marryPHAT“ – Скопје, микс и мастеринг Ивица Јанкуловски, продуцент Ивица Јанкуловски и „Милко“. Фотографија и дизајн на омот Димитар Апостолов – Zewlean.

„Милко“ го сочинуваат Сашо Митревски на гитара и вокал, Стефан Терпини на тапани, Филип Поповски на бас гитара. Гостин на песната „Ти“, Александар Ников – клавијатури.

На концертната промоција ќе бидат отсвирени скоро сите песни и од претходниот албум „Луѓе“ но и од минатите изданија. За љубителите на носачи на звук, на самиот концерт ќе може да се набави и цеде од новиот албум по промотивна цена од само 200денари за еден така софистициран сувенир.

Билетите се во претпродажба само на касата на МКЦ по цена од 150 денари, а на денот на концертот по 200 денари.

Новиот албум може да се спушти бесплатно на овој линк.

 



Врати се горе ↑