Балкан Пајнер Ѕвезди со Грант од ЕУ

16 јануари, 2013

Милион евра од ЕУ за бугарскиот турбо-фолк!

Бугарската продуцентска куќа „Payner“, позната како најголем издавач на “чалгите” или бугарска турбо-фолк музика, добила околу еден милион евра од Оперативниот програм за конкурентност при Европската Унија. Софиската новинска агенција „Новините“ наведува дека Европската унија дополнително треба да и ги исплати парите на „Payner“, која што е во сопственост на 43 годишниот инженер Митко Димитров.

Како цел на проектот, за кој бугарската влада му ги доделила парите од Европската унија, Димитров го истакнува „подигнувањето на конкурентноста на компанијата на домашниот пазар со помош на модернизација на опремата“. Оваа издавачка куќа исто така сака да го потпомогне одржливиот економски развој и да ја зачува својата водечка позиција.

Портпаролката за регионална политика Ширин Вилер за Euractiv.com потврдила дека бугарските власти ја одбрале споменатата продуцентска куќа за доделување на помошта од милион евра. „Ние ги разгледавме условите и финансиските средства на планот за доделување на помош, која што им е наменета на малите и средните компании во креативните индустрии и ние тоа го подржуваме“ – изјавила Вилер.

Сепак, таа рекла дека изборот на проектот е одговорност на бугарското Министерство за економија. Вилер исто така навела дека по пријавените поплаки во некои кругови, на 15 јануари европската комисија побарала од бугарските власти да испитаат дали се почитувани сите правила при доделувањето на помошта на „Payner“.

Музичката продукција „Payner“ е основана во 1993 година, а во своја сопственост има и неколку дискотеки ширум земјата, како и хотелот дворец „Prikazkite“. Според информациите на интернет страната на компанијата, за „Payner“ во моментов работат 54 пејачи, вклучувајќи ја и српската фолк ѕвезда Бобан Здравковиќ.

„Payner“ ја има титулата за контроверзност токму поради „чалга„ музиката, озогласениот жанр кој се појавил во Бугарија во деведесеттите години од минатиот век, а во кој доминираат мотивите на пари и сексуални алузии. Познато е дека во оваа музика особено уживаат „мутрите“, поранешни борачи кои во голема мера го преземале организираниот криминал во Бугарија.

Извор: Точка



Врати се горе ↑