Свет metallica-600

26 октомври, 2013

Металика ќе одржат концерт на Антарктикот

Американскиот хеви метал бенд Металика подготвува концерт на едно од најстудените места на светот. Членовите на бендот на својата веб страна деновиве го напишаа следното: „Во текот на изминатите 30 години поминати како бенд, имавме неверојатна среќа да ги посетиме скоро сите делови на Земјата, освен еден. Тоа сега ќе се промени, бидејќи се подготвуваме да отпатуваме на Антарктикот, единствениот континент на кој Металика не засвирела никогаш до сега.“ – пишува во соопштението.

Како што пренесува AFP, концертот ќе биде одржан на 8-ми декември во близина на хелиодромот, во куполата на аргентинската база Карлини. Тоа што овој настап го одвојува од вообичаените е фактот што публиката ќе може да го слуша со помош на слушалки, без појачувала. Присуството овој концерт „на мраз“ ќе може да се обезбеди по пат на наградна игра која Кока Кола ќе ја организира на крајот на месецов во Аргентина, Чиле, Колумбија, Костарика и Мексико.

Познатиот магазин Ролинг Стоун пишува дека овој концерт на Металика ќе биде втор настан од овој вид на Антарктикот. Првиот настап на најладното место на Земјата во 2007 година го имаше инди рок бендот Нунатак, составен од истражувачи кои се занимаваат со проучување на климатските промени.

Во својата долгогодишна кариера, Металика имаат издадено 9 студиски албуми, а последниот насловен „Death Magnetic“ го објавија во 2008 година. Во продолжение уживајте со нивниот најпознат хит „Nothing Else Matters“.

 



Врати се горе ↑