Видео

20 јули, 2019

Мешани реакции за првиот трејлер за мјузиклот „Мачки“

Култниот мјузикл „Мачки“ годинава ќе ја добие својата филмска адаптација, во која улогите ги играат голем број познати музички и актерски имиња, како што се Џенифер Хадсон, Тејлор Свифт, Џејсон Деруло, Ијан Мекелен, Џуди Денч, Идриз Елба, Џејмс Корден, Ребел Вилсон и балерината Франческа Хејворд. Сепак, штотуку објавениот трејлер за претстојниот филм наиде на мешани реакции од јавноста.

Оскаровката Џенифер Хадсон ја игра улогата на Гризабела

Имено, најголемиот дел од коментарите се однесуваат на самите маски, шегувајќи се дека филмот изгледа како да е сниман со филтер од апликацијата „снап-чат“. Имајќи ја предвид денешната развиена технологија и фактот дека станува збор за доста познат мјузикл од легендарниот Ендру Лојд Вебер, трејлерот навистина изгледа малку чудно.

Тејлор Свифт, голема љубителка на мачките, ја игра Бомбалурина

Инаку, „Мачки“ е во режија на Тим Хупер, за кого ова е втор мјузикл после „Клетници“ од 2012, кореографијата е на Енди Блекенбјулер, а извршен продуцент е Стивен Спилберг. Приказната е врз основа на истоимениот театарски мјузикл на Лојд Вебер, премиерно одигран во Лондон во 1981 година, кој пак е врз основа на збирката поеми „Книга за практични мачки на Стариот опосум“ (1939) од американскиот поет Томас Стернс Елиот.

Мултиталентираниот Џејсон Деруло дебитира на големото платно како Рам Там Тагер

Премиерата на филмот е закажана за 20 декември, непосредно пред божиќните и новогодишните празници. Првиот трејлер можете да го погледнете во продолжение.



Врати се горе ↑