7 септември, 2016

Мелани Си го најави новиот албум со „Anymore“

Некогашната „зачинета“ девојка, Мелани Си, се враќа на музичката сцена со нов сингл, најавувајќи го своето седмо по ред, студиско издание „Version Of Me“, кое ќе го наследи „Stages“ од 2012 година. Станува збор за темата насловена „Anymore“, која е во електро стил и чија екранизација ве очекува горе.

Пејачката вчера гостуваше во утринската емисија на втората програма на радио Би-Би-Си, каде што премиерно ја пушти новата песна, а зборуваше и за новиот стил на претстојното издание. „Сакав да направам нешто навистина поразлично за мене, а отсекогаш сум сакала да снимам албум со електронска музика. Секако дека е и поп музика, бидејќи, пред сè, јас сум поп уметник и секогаш ќе бидам, но убаво е одвреме-навреме да се експериментира и да се направи нешто поинакво. Знаете, музиката многу се промени, па добро е да се еволуира, а и моите вкусови еволуираа. Ќе бидам старата добра јас, но во модерна, нова и подобрена верзија“, рече 42-годишната ѕвезда.

14232509_10154568065772710_4974003366209764493_n

Новото издание доаѓа речиси истовремено со прославата на 20-годишнината од основањето на нејзината матична група „Спајс грлс“, која во 1996 година дебитираше со мегахитот „Wannabe“. По овој повод, Ема, Мел Би и Џери ги здружија силите како трио и ги поканија своите верни обожаватели на заедничка прослава.

И покрај тоа што светот ја запозна и најдобро ја памети како Спорти Спајс, се чини дека Мел Си е сепак повеќе фокусирана на иднината отколку на минатото, а изгледа дека сличен став има и Викторија Бекам, која исто така нема да биде дел од јубилејната прослава на популарната женска група.

Албумот „Version Of Me“ ќе содржи 11 песни, а ќе биде објавен на 21 октомври.

melanie-c-version-of-me

1. Dear Life
2. Escalator
3. Anymore
4. Something For The Fire
5. Version Of Me
6. Numb
7. Room For Love
8. Unravelling
9. Loving You Better
10. Our History
11. Blame

Извор: officialcharts.com

 



Врати се горе ↑