Свет

17 јануари, 2019

Меколи Калкин проговори за „нормалното пријателство“ со Мајкл Џексон

Во деведесеттите години од минатиот век, едно од најнеобичните пријателства дефинитивно беше она на младиот актер Меколи Калкин и музичката ѕвезда Мајкл Џексон. 38-годишниот Калкин, кој и до денес е најпознат по улогата во класикот „Сам дома“, се спријателил со кралот на поп-музиката кога имал само 9 години, а подоцна беше и еден од сведоците на судењето на Џексон во 2005 година, нарекувајќи ги сите обвиненија против него „апсолутно смешни“.

Во пресрет на 10-годишнината од смртта на Џексон, Меколи повторно се осврна на своето искуство со пејачот, опишувајќи го како „нормално пријателство“.

Image result for michael jackson macaulay culkin

„Мајкл стапи во контакт со мене бидејќи со инстант-славата ми се случија многу промени, какви што искусил и тој, па точно знаеше низ што поминувам“, рекол Калкин во неодамнешен разговор. „На крајот од денот, најлесно е да кажеш дека беше чудно, но не беше бидејќи имаше смисла. Ние навистина бевме пријатели“, дополни тој, објаснувајќи дека она што најмногу ги поврзало е токму искуството да се биде дете-ѕвезда, чие детство поминало во изолација.

„Јас бев личност без врсници. Никој во моето католичко училиште немаше ни претстава низ што поминувам, а тој беше личност што поминала низ истото и само сакаше да ми каже дека не сум сам“.

Нови обвиненија за сексуална злоупотреба

Во меѓувреме, имотот на Мајкл Џексон ги отфрли најновите обвиненија против покојниот пејач во новиот документарен филм насловен „Напуштајќи ја Недојдија“ (Leaving Neverland), чија премиера е закажана за крајот на месецов, на филмскиот фестивал „Санденс“. Станува збор за споделени искуства на двајца мажи, сега во нивните триесетти години, кои тврдат дека биле сексуално злоупотребувани од Џексон кога имале 7 и 10 години.

Во режија на Ден Рид, филмот е насловен по озлогласениот ранч на Џексон во Санта Барбара во Калифорнија, каде што музичарот живееше од 1988 до 2003 година. Полицијата во 2003 го претресуваше целиот имот откако пејачот беше обвинет за сексуална злоупотреба на 13-годишно момче, а случајот заврши на суд во 2005, кога Џексон беше прогласен за невин и ослободен од сите обвиненија.

Од имотот на легендарниот музичар велат дека ова е само уште еден обид да се извалка ликот и делото на Џексон и патетичен обид да се изнудат пари од неговото наследство.

Мајкл Џексон почина на 25 јуни 2009 година, на возраст од 50 години. Како причина за неговата прерана смрт беше наведено предозирање со анестетикот „пропофол“.



Врати се горе ↑