Македонија makfest2

17 јануари, 2014

Меѓународен конкурс за композиции за Макфест 2014

          Општина Штип како организатор го распишува меѓународниот конкурс за 29-тото. издание на Фестивалот на музика „Макфест 2014“ кој ќе се одржи вo последната недела од мај 2014 година во Штип. Конкурсниот рок за поднесување на композициите е три месеци од објавувањето (27-ми декември 2013 година), најдоцна до 12 часот во архивата на Општина Штип. На Конкурсот може да учествуваат домашни и странски физички и правни лица. Сите заинтересирани учесници кои ги поседуваат потребните квалификации и кои сакаат да се изразат со својот квалитет, способност и креативна идеја имаат право да учествуваат на Конкурсот.

              Учесниците треба да ги приложат следниве докази:

  • Подносителот на композицијата задолжително треба да достави склучен договор со авторот на музиката, авторот на текстот, авторот на аранжманот. Во прилог на пријавата, задолжително да се достави писмена изјава од подносителот на песната на Конкурсот за точната распределба на наградата по проценти наменета за: изведувачот, авторот на музиката,  авторот на текстот  и авторот на аранжманот потпишана своерачно;

  • Доколку изведувачот е автор на музиката, односно на текстот, односно на аранжманот, треба да достави изјава дека тој е автор на музиката, односно на текстот, односно на аранжманот;
  • Авторскиот тим задолжително поднесува изјава од авторот на музиката, авторот на текстот и од авторот на аранжманот дека доставената композиција не била претходно изведена;

            Адреса за доставување: Општина Штип, ул. „Васил Главинов“ 4б, 2000 Штип, Република Македонија

            Конкурсниот труд да биде доставен во затворен плик со назнака: За Конкурс за композиција на фестивалот Макфест за 2014 година со шифра (најмногу 5 знака од букви или  броеви) и текстот „НЕ ОТВОРАЈ“. Податоците за авторскиот и за изведувачкиот тим треба посебно да се наведат во посебен затворен плик приложен со документацијата со назнака „АВТОР“ и „ИЗВЕДУВАЧКИ ТИМ“ – поединец или група и назначен со истата шифра. Целата документација се доставува во три примероци.

            За избор на композициите што ќе учествуваат на фестивалот „Макфест 2014“ година ќе се формира стручен тим кој ќе ги избере композициите што ќе се изведуваат на Фестивалот. Општината со избраните автори и изведувачи на Конкурсот за избор на композиција на Фестивалот годинава ќе склучи договор на кои ќе им биде исплатено по 30.000 денари надомест.

           Со предавањето на композицијата, авторот ќе го пренесе правото на Организаторот за нејзино графичко печатење, за прва јавна изведба, за пренос преку радио-телевизиски станици, за снимање на носачи на звук и слика или сите овие права, односно некои од овие права, ќе ги пренесе на трети лица. Организаторот ќе стане сопственик на фонограмот што ќе биде снимен.

            Постпродукцијата на сите примени композиции ја реализира организаторот.

            По завршувањето на Фестивалот ќе се доделат пет награди и тоа:

  • 1 награда 20.000 евра (распределена врз основа на претходно доставената писмена изјава за распределба на средствата.)
  • 2 награда 15.000 евра (распределена врз основа на претходно доставената писмена изјава за распределба на средствата.)
  • 3 награда 10.000 евра (распределена врз основа на претходно доставената писмена изјава за распределба на средствата.)
  • Награда за најдобар дебитант 3000 евра (распределена врз основа на претходно доставената писмена изјава за распределба на средствата.)
  • Награда за најдобар сценски настап 3000 евра (распределена врз основа на претходно доставената писмена изјава за распределба на средствата.)

         Организаторот нема обврска да им ги врати на авторите композициите што нема да бидат прифатени. За условите за изготвување на композицијата и критериумите за избор можете да прочитате на www.mrt.com.mk.



Врати се горе ↑