20 ноември, 2014

Меган Трејнор го објави видео записот за „Lips Are Movin’“

20-годишната музичарка која го освои светот со хитот „All About That Bass“, Меган Трејнор деновиве го објави видео записот за нејзиниот втор сингл „Lips Are Movin’“. Ако со првиот сингл порача дека треба да го сакаме своето тело такво какво што е, пејачката овој пат направи химна за сите млади девојки кои не се толку наивни и знаат кога момчињата ги лажат. „I know you lie, your lips are movin’, tell me do you think I am dumb?“, вели Трејнор во песната, а како изгледа нејзината екранизација можете да погледнете горе.

По ЕП изданието „Title“, пејачката го најави и истоимениот албум, кој е трет во нејзината кариера, но прв за поголема издавачка куќа. Вклучувајќи ги овие два сингла, изданието ќе содржи вкупно 11 песни, а ќе биде објавено на 13 јануари следната година.

Покрај новиот видео запис, Трејнор деновиве ја објави и божиќната песна „I’ll Be Home“, која ќе се најде на престојното празнично ЕП издание „I’ll Be Home For Christmas“, закажано за 24 ноември, кое ќе содржи и празнични теми од групите „Фифт хармони“ и „Грејт биг ворлд“, Тамар Брекстон, Фиона Епл, Сара Барелис и Ингрид Мајклсон. Интересно е тоа што, иако најчестиот избор на изведувачите е да преработат постари празнични теми, младата пејачка реши самата да напише и отпее своја оригинална песна, а како звучи „I’ll Be Home“ можете да слушнете во продолжение.

И.Ј.

 



Врати се горе ↑