Настани

17 мај, 2017

Маурицио Шмиц, Горан Кан и Васо ја збогатуваат програмата на „Грин бич фестивал“

Со веќе потврдените настапи на еден од најреволуционерните електронски уметници на сите времиња РИЧИ ХОТИН и ненадминливиот техно великан СВЕН ВАТ, годинава нѐ очекува новото импозантно и највозбудливо издание досега на ГРИН БИЧ ФЕСТИВАЛ. Најголемиот фестивал на електронската музика кај нас ќе се одржува на 28 и 29 јули на плажата Парк во Охрид, а во листата изведувачи се запишуваат и нови имиња кои ќе го одбележат првиот ден од осмото издание на ГРИН БИЧ ФЕСТИВАЛ.

33f10b41-d99f-422a-bd0f-d1e53157d1d3

Покрај легендарниот германски диџеј Свен Ват кој ќе ја предводи саботната вечер на фестивалот, на 29 јули, со свој настап доаѓа уште еден член и еден од клучните луѓе на славната „Кокун“ (Cocoon) етикета, МАУРИЦИО ШМИЦ (MAURIZIO SCHMITZ). Германскиот ветеран со италијанско потекло, со повеќе од две децении искуство зад диџеј пултот, во својата кариера бил дел од некои од најважните фази во развојот на клупскиот звук, брусејќи го својот стил низ техно и хаус, но и транс, минимал, амбиент и бројни други жанрови. Маурицио Шмиц својата пасија за електронската музика ја открива уште на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, а љубовта кон музиката го доведе до високи позиции во музичката индустрија, па покрај тоа што работи и како еден од главните во компанијата „Кокун“, тој редовно настапува и со најголемите имиња од сцената! Неговиот стил денес се опишува како своевидна „психоделична хаус музика“ со безвременски карактер.

За домашна музичка поддршка на овој настан пак, и тоа со заеднички бек-ту-бек настап се задолжени диџеите ГОРАН КАН и ВАСО.

ГОРАН КАН е еден од најеминентните диџеи и продуценти на македонската техно хаус сцена, кој ја започнува својата кариера како диџеј во 1998 година. Ја добива првата своја резиденција во летниот клуб „Хавана“ во 2001 година, а по бројните настапи низ Македонија, тој ги проширува истите низ целиот Балкан. Бележи бројни изданија на етикетите „Прајмл форс“ (Primal Force), „Сома“ (Soma), „Ес-еј-еф““ (SAF), „Минискеч“ (Minisketch), „Импакт мекеникс“ (Impact Mechanics), „Флакс“ (Flux), „Логос“ (Logos), „Артефакт“ (Artefact), „Лаки лајт“ (Lucky Light) и многу други. Неговите настапи можете да ги сретнете секаде низ регионот, каде што тој ја претставува неговата музичка селекција со уникатен пристап. На годинашното издание на ГРИН БИЧ ФЕСТИВАЛ тој ќе настапи во заеднички бек-ту-бек сет со ВАСКО НЕТКОВСКИ – ВАСО, македонскиот артист за кој е вистинска реткост да се најде некој музички правец на кој не посветил барем некое време. Оттаму тој и не сака да се врзува за само еден музички стил кој го презентира, а не треба да се изненадите ако еднаш чуете негов хаус сет, друг пат драм енд бејс, брејк бит, фанк, рап… Еден пресврт во неговиот музички пат се случува и во 90-тите години кога најмногу се фокусира на хаус и техно музиката, кога и започнува неговиот диџејски опус, а бројните настапи по клубовите и фестивалите во земјава и пошироко се заслужни да го дели пултот со најголемите имиња на светската електронска музичка сцена. Тој е поранешен член е на организацијата „Фајрхаус кру“ (Firehouse Crew), а веќе една деценија член на организацијата „Полукс“ (Polux).

ПРОДОЛЖУВА АКЦИЈАТА ЗА ВЛЕЗНИЦИТЕ СО СУПЕРПРОМОТИВНА ЦЕНА!
Со настапите на РИЧИ ХОТИН во петок, на 28 јули и СВЕН ВАТ во сабота, на 29 јули несомнено е дека пред нас е досега најмоќното издание на ГРИН БИЧ ФЕСТИВАЛ, а поради огромниот интерес и на барање на бројните фанови од Македонија и подеднакво од регионот, продолжува да важи СУПЕРПРОМОТИВНАТА цена на билетите од 650 денари за еднодневните и 1.200 денари за дводневните (фестивалски) влезници. Станува збор за најповолната понуда на билетите со 40% попуст во однос на нивната финална цена, кои ќе се продаваат само уште во во ограничен број преку продажната мрежа на МКтикетс.



Врати се горе ↑