Видео mt

12 декември, 2016

Мат Тери е победникот на британскиот „Х фактор“

Викендов се одржа големото финале на 13. сезона на британскиот „Х фактор“, а првото место отиде во рацете на Мат Тери (Matt Terry). 23-годишниот пејач од Бромли ги освои симпатиите на жирито и публиката уште со својата прва аудиција, а обложувалниците веднаш ја прогнозираа неговата победа. Иако беше неизвесно до самиот крај, шармантното момче сепак собра повеќе гласови од второпласираната Сара Алто (Saara Aalto), која иако доаѓа од Финска, сепак доби огромна поддршка од британската публика, а на третото место заврши ар-ен-би триото „Фајв афтер миднајт“ (5 After Midnight).

Тери беше во категоријата момчиња под менторство на Никол Шерцингер, која претходно победи во 2012 година со Џејмс Артур. За разлика од претходните години, кога натпреварувачите пееја песни од други изведувачи, овој пат победничкиот сингл е сосема нова, оригинална песна потпишана од хитмејкерот Ед Ширан. Бидејќи победничките синглови на „Х фактор“ најчесто се искачуваат на 1. место на британската листа за Божиќ, сосема пригодно е што Тери дебитира токму со празнична тема, а како звучи „When Christmas Comes Around“ можете да слушнете во продолжение.

Започнувајќи од 2012 година, сите собрани средства од победничкиот сингл одат во хуманитарни цели.

Целото патешествие на Мат Тери, од неговата прва аудиција до победничката изведба, можете да го погледнете во продолжение.

Низ годините, од овој музички натпревар произлегоа едни од најпопуларните музички ѕвезди, како што се Леона Луис, Џејмс Артур, „Уан дајрекшн“, „Литл микс“, Оли Мрс, Ела Хендерсон, Флер Ист и други, но интересно е да се забележи дека некои од победниците исчезнале откако го снимиле својот прв албум, што им следува со победата, а како мошне поуспешни се покажале оние кои испаднале дури и на половина пат до финалето.

Освен Леона, Џејмс и „Литл микс“, токму таков беше случајот и со петте момчиња од „Уан дајрекшн“, кои во 2010 година завршија на 3. место, Оли Мрс и Флер беа втори, a Ела заврши дури седма. Меѓу оние што победија, но ги снема од сцената откако им истече едногодишниот договор се Сем Бејли, Бен Хејнау, Џо Мекелдери, Мат Кардл и други.

Сè уште е рано да се процени дали истото ќе се случи и со минатогодишната победничка Луиза Џонсон, која постигна успех со гостувањето во синглот „Tears“ на „Клин бандит“, како и со неодамна објавениот деби сингл „So Good“, а нејзиниот прв албум би требало да стигне на почетокот на следната година.

И.Ј.



Врати се горе ↑