Видео

15 ноември, 2018

Мартина Митревска го сними првото видео за макфестовската „Мое мило“

Одличната балада „Мое мило“, со која Мартина Митревска се натпреваруваше на годинашното издание на фестивалот „Макфест“, сега си доби и прекрасно видео што одлично ја дополнува оваа емотивна етно-композиција со музика и текст од Ристо Самарџиев и аранжман на Кристијан Габроски. Заради силната конкуренција, песната не успеа да се пласира во макфестовското финале, но нејзината екранизација сигурно ќе придонесе уште повеќе да се приближи до срцата на македонската публика.

За своето прво видео пејачката соработуваше со режисерот Кристијан Шемко и продукцијата „Пирамид“. Снимањето се одвиваше кај с. Куклица, во близина на Кратово, каде што се наоѓаат „скаменетите свадбари“, кои сами по себе се вистинско ремек-дело на природата.

Видеото го снимивме веднаш после ’Макфест’ и навистина сум многу задоволна од крајниот резултат, излезе дури и подобро од тоа што го очекував“, вели Мартина, додавајќи дека планира да ја продолжи соработката со „Пирамид“ и за следните проекти.

Инаку, студентката на Факултетот за музичка уметност во Скопје публиката најдобро ја знае по учеството во емисиите „Сите наши песни“ и Кастинг талент шоу, а минатата година дебитираше на макфестовската сцена со „Љубовта нема граници“. На сето тоа му претходеше и неколкугодишно музичко образование во училиштето на Валентино Скендеровски, а покрај соло-кариерата во подем, Мартина паралелно работи и со бендот „Ехо“, насочувајќи се повеќе кон рок-стилот, што може да се забележи и од одличниот деби-сингл „Покажи ми“.

„Рокот ми е во душата, но истовремено драга ми е поп-музиката, а особено баладите. Сакам да сум разнострана, да се обидам во повеќе стилови, да не си здодеам ни себеси ни на публиката“, вели Мартина, која зад себе ги има и учествата на фестивалот „Езерски бисери“, како и соработката со колегата Дејвид Блек за темата „Носталгија“.

Несомнено е дека талентираната пејачка полека си го наоѓа своето место во новиот бран музички надежи што ја освежуваат нашата сцена изминативе години, а експериментирањето со повеќе стилови сигурно ќе ги задоволи вкусовите на секоја публика. Имајќи го предвид сето тоа, ќе биде дополнително возбудливо што никогаш нема да знаеме како ќе нè изненадува со секој нареден проект.

Дотогаш, уживајте со прекрасното видео за макфестовската „Мое мило“!

И.Ј.



Врати се горе ↑