15 февруари, 2017

Мартин Гарикс главна ѕвезда на „Скопје колинг 2017“

Најжешката глобална ѕвезда во моментов, Мартин Гарикс (Martin Garrix), за прв пат како број 1 диџеј во светот доаѓа во регионов и тоа како главна ѕвезда на фестивалот „Скопје колинг 2017“ (SKOPJE CALLING 2017), најавија од „Авалон продукција“.

После феноменалниот почеток на „Скопје колинг“ лани, со настапите на хитмејкерите Дејвид Гета, Робин Шулц и Кунгс, годинава Скопје ќе биде домaќин на човекот којшто не е само најголема диџеј ѕвезда во светот во моментов, туку е и ултимативен глобален суперстар на целата планета.  Настапот на Мартин Гарикс ќе се одржи во рамките на фестивалот „Скопје колинг“ на 23 јуни, на ребрендираниот стадион „Филип втори“ (Телеком Арена)

Иако има само 20 години, Гарикс во моментов не само што и официјално е број 1 диџеј во светот, туку тој и со години наназад е неизоставен дел на сите големи фестивалски сцени во светот, како што се „Коачела“, „Ултра мјузик фестивал“, „Тумороуленд“ и други, каде настапува единствено како хедлајнер. Светската слава ја стекнува на 17-годишна возраст, со мега-платинестиот хит Animals, а во моментов е актуелен со хитовите „In The Name Of Love“ со Биби Рекса и „Scared To Be Lonely“ во соработка со популарната Дуа Липа, кои буквално ги покорија сите европски и светски топ листи.

Пред диџеј сетот на Гарикс, на фестивалот „Скопје колинг 2017“ ќе настапат и повеќе имиња, меѓу кои и уште еден светски артист, како и диџеи од регионот кои ќе ја отворат вечерта. Сите детали околу цените на влезниците за настапот на Мартин Гарикс во Македонија и претстојниот „Скопје колинг 2017“, ќе бидат објавени во понеделник на 20 февруари, во 21 часот.



Врати се горе ↑