4 ноември, 2013

Марко Логаут ја препеа макфестовската „Осамен“

Моќно и многу емотивно, во негова веќе препознатлива изведба и во придружба на живи инструменти Марко Логаут ја препеа легендарната макфестовска тема „Осамен“ од Трајче Манев. Прекрасните звуци на пијано, виолина и виолончело, кои ги отсвиреа Стефан Пехчевски, Илија Филиповски и Мери Георгиевска, го доведоа овој македонски евергрин до перфекција, а Гордан Божиновски изработи видео за истиот.

„Пресреќен сум што направив кавер на една од моите омилени македонски композиции и се уште сум под импресии од тоа како звучи истата. Публиката која во еден здив ја пее песната на моите настапи ми даде инспирација и идеја да ја препеам на некој мој начин, па се надевам дека ќе и се допадне ова што го направивме со целата екипа со која работев“ – вели Марко.

Каверите на „За нас“, „И тогаш некоја будала“ и неговиот сингл  „Без тебе не можам“ на Марко му го донесоа епитетот „јутјуб сензација“. Публиката сега може да ужива во извонредната изведба и на овој кавер снимен и работен од Гени Каревски. Како звучи „Осамен“ во изведба на Марко Логаут можете да слушнете горе.



Врати се горе ↑