Видео

24 октомври, 2017

Марко Логаут и Валентино ДеВаско ги здружија силите за „Mi Amor“

Mi Amor“ или „Љубов моја“ е насловот на новата песна на Марко Логаут, која музичарот ја сними заедно со колегата од Перу, Валентино ДеВаско, а идејата за оваа интересна соработка се роди за време на неговиот претстој во Македонија, кога Валентино ја сними „Alma Gitana“, чие видео ги прикажува токму убавините на нашата земја.

Музиката на „Mi Amor“ е дело на самиот Марко, а стиховите им се заеднички со Валентино, додека аранжманот го направи Рубин Димкоски. Песната беше претставена заедно со видео снимено во еден кадар, за кое се погрижи Никола Китановски, а главната улога ја има балерината Татјана Кипровска.

„Доколку треба да издвојам некој збор за новата песна, тие зборови би биле да уживате во наредните четири минути во еден лесен и необичен дует. Ова е само уште еден чекор кој мене лично ми е поттик да продолжам да творам нова музика. Очекувајте нови песни во иднина“, рече Марко Логаут.

„Oваа полу-македонска, полу-шпанска песна е создадена во еден спонтан момент по мојот настап во ’Винил’, кога го запознав познатиот македонски музичар Марко Логаут, со кој заедно ја испеавме. Во Македонија се враќам повторно во ноември кога и ќе се случи мојата турнеја во Скопје, Кичево, Струмица, Гевгелија, Куманово, Битола… Датумите ќе бидат објавени наскоро“, додаде ДеВаско, а оваа интересна соработка на двајцата музичари ве очекува во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑