Интервју 184141_10150276886583396_6463154_n

28 ноември, 2012

Марга Сол: Не ми е важна славата, се работи за љубов!

Марга Сотировска или накратко Марга Сол е името на една од најдобрите музички артистки и продуценти во Македонија. Девојката која своите музички почетоци ги има уште на 13 години кога на подарок го добила првиот синтисајзер Yamaha, денеска е можеби најголемиот претставник на македонскиот музички производ на светската музичка сцена. Таа продуцира chill out, lounge и house музика којашто до сега се најде на повеќе од 200 музички компилации како што се  „Bar Lounge Classics” Sony Music, „Erotic Lounge“Sony Music, промовирана на шоуто Release Yourself“ на Роџер Санчез и многу други. Покрај компилациите, Марга позади себе има веќе шест издадени албуми, од кои прв официјален албум на светскиот пазар е „Beаt Of The Old Bazaar“ кој изобилува со музика инспирирана од звуците на Македонија. Покрај албумите, Марга има објавено и повеќе синглови, самостојни и во соработка со други артисти, а продукциски куќи кои ја издаваат нејзината музика се светски познатите Sony Music, Universal Music, Kontor Music, Ministry Of Sound и многу други.

Нејзините професионални почетоци во водите на музиката  започнуваат со добивањето диплома за музичка продукција од музичкото училиште „Enterprise“ на познатиот продуцент Валентино Скендеровски, кадешто во следните две години работеше како негова асистентка. Таму Сол снимаше и продуцираше музика за пејачи, бендови, реклами и сл. Сега Марга е сопственик на студиото „Living Room“ во кое секојдневно креира нова музика, преточувајќи ги чувствата во прекрасни звуци за сечиј вкус.

Одличните музички парчиња на оваа талентирана музичарка ширум светот ги претставуваат и поддржуваат и најпознатите диџеи како што се Роџер Санчез, DJ Nartak, Darko De Jan, Alex Kenji, DJ Sean, TheSoundOfBuddha и многу други.

Додека го читате интервјуто, уживајте во една од поновите нумери на Марга
„Not that kind of Girl“.

 

  •  Марга, ти си можеби еден од најуспешните домашни музички артисти со интернационален успех. Кажи ни нешто повеќе за твоите почетоци, како се случи твоето пробивање на светската сцена?

Можеби сум една од најуспешните домашни музички артисти со интернационален успех, но сепак во мојата бранша, на chill-lounge и house-електронската музика. Постојаното работење, создавање музика, вложување во себе, вложување време и знаење во музичка продукција, во контакти и нивно постојано оддржување, полека, полека гради пат кон успех кој се движи кон моите цели. Пратив авторска музика на ЦД по неколку издавачи. Така се случи првиот албум во Канада со Oasis Records, оттука ме забележаа и други издавачи од Европа, како Diventa Records од Германија со кои го започнав моето патување кон светската музичка сцена. Сè започна со компилации, издавање од сè повеќе помали издавачки куќи, за полека да стигнам и до Sony, Universal, Ministry Of Sound, Drizzly, Aluminium Records, Kontor Music и така натаму. Големи компании бараа услуги од мене во областа на рекламирањето и себепрезентирање преку музика, музика за претстави, шоуа… Така успеав да ги поставам темелите за да градам дворец!

  • Ти си една од ретките женски диџеи во Македонија, а уште поретко може да се сретне диџеј кој самиот, односно самата ја креира својата музика и има сопствен сет. Што мислиш за таа клупска сцена во Македонија?

Да, често на прв поглед реагирам зачудено кога ќе се потенцира фактот дека сум женски диџеј хахаха… Додека навистина сфатам дека е така! Јас буквално уживам во диџејската работа, обожавам да создавам висок напон на атмосфера и љубовна магија во просторот! Клупската сцена во Македонија сметам дека не е на високо ниво, а имаме огромен потенцијал и публика за истото. Се прават строго комерцијални журки со истите траки особено по барање на локалите, не се почитува доволно новата музика и уникатноста на диџејот според својот стил и сет. Толку многу слична музика се врти од страна на диџеите кај нас што скоро станува сеедно кој диџеј ќе го повикаат менаџерите на локалите од тие 10тина. Има неколку што се издвојуваат, но можам да ги избројам на рака-две! Јас имам огромен респект кон диџеите и диџејската работа затоа што тие се провајдерите на атмосферата и расположението на публиката, тие ја создаваат магијата во локалот, без разлика како е уреден или кој е сопственик, но тие се директно и медиумот за музиката која треба да се слуша во поширока смисла. Сметам дека смелоста во музичката презентација треба да се дигне на повисоко ниво и да бидат диџеите посмели во себепрезентацијата, да се издвојат по својот стил, уникатен избор, начин на миксање… да се дигне продукцијата исто така на ниво, сепак надвор 90% од најдобрите диџеи се и продуценти. Почитта кон нашата работа треба да е на повисоко ниво, но затоа и самите диџеи треба да си ја заслужат, а и дигнат својата вредност во секоја смисла на зборот! Тоа е магичен круг.

  • Најголемиот дел од твоите композиции каде што има вокален дел, се пее на англиски јазик, а тоа е разбирливо заради пласманот на светската сцена. Покрај синглот „Дали сонувам“ имаш ли други нумери на македонски јазик и дали бројот на истите би се зголемил во иднина?

Да, англискиот јазик го користам поради светската сцена, а освен таа песна немам друга на македонски иако планирам да направам повторно нешто такво. Сепак таа песна е прва официјално издадена песна и ми значи многу. Песната доживеа повеќе од 10 ремикси и верзии, а и тоа е песната по која многумина ме препознаваат. Дали сонувам или сонот ме буди – тоа се моите почетоци!

  • Имаш направено ремикс на „Црвени дождови“ од Дани. Дали други музички имиња од Македонија побарале соработка со тебе? Или со кого ти би сакала да соработуваш?

Да, тоа беше проект „на екс“, случајна соработка која донесе прва награда на Дани на Охридскиот фестивал. Поп рок не е моја бранша, па затоа и не се мешам многу во тие води, но ете тој проект ми беше предизвик и интересен во моментот. Соработки имав и со Наташа Малинкова (од групата Багаж), Анита Мицова (овогодинешниот Идол), само што завршив ремикс на новата песна која ја пее новото лице Рената која се пробива успешно на светската поп сцена… Генерално се вклучувам во проекти на домашна сцена и со наши изведувачи доколку во моментот имам некаков предизвик или ете… ми причинува некакво задоволство. Немам идеја за идни соработки, но сум отворена секогаш кога се работи за нешто интересно и квалитетно!

  •  Покрај твоите настапи во Македонија, каде си настапувала надвор од нашите граници и дали има некој настап што ти е особено драг?

Да, имам настапувано Албанија, Србија, Шпанија, Ибица… Ибица е место каде може секој диџеј да си ги реализира слободно своите страсти! Следни дестинации? За 2013 година во план се посети на 10тина земји… така што патувања во комбинација со музика – перфекција!!!

  •  Сметаш ли дека твојата музика е доволно прифатена и популарна во Македонија?

Сметам дека е прифатена колку што треба, а колку е популарна? Не е музика која припаѓа на поп сцената, но јас сум многу задоволна колку поддршка имам од публиката, радијата, медиумите генерално… моите соработници и колеги, тоа ми е најважно. Не ми е важна славата или масовната популарност, се работи за љубов.

  • Што е следно што можеме да очекуваме од Марга Сол во иднина?

Нов албум секако, настапи наоколу светот, поголема активација во Македонија и нова музика за сите вас.

  • Марга, ти благодарам за времето што го одвои за нас. Дали има нешто што би сакала да им кажеш на твоите фанови и читателите на РадиоМк?

Ви благодарам многу за поддршката, поканата и ви посакувам само среќа во понатамошната работа, а за читателите и слушателите – животот е прекрасен, секојдневно уживајте, љубете и слушајте убава музика!!!

Ивона Јанкова



Врати се горе ↑