2 јуни, 2015

Марчело го објави видео записот за песната „Лаж“

После напорни шест месеци посветени на концертни и промотивни активности поврзани со книго-алмубот „Напет шоу“, Марчело конечно сними нов видео запис. Станува збор за песната „Лаж“, која своевремено, заедно со „Пегла“, беше пласирана како најавен сингл за актуелниот албум.

„Напет шоу“ во меѓувреме се покажа како најтиражното дело на Марчело, кое досега е продадено во повеќе од 10.000 примероци! 

Марчело во песната „Лаж“ уште еднаш успеа со остар јазик да го опише општеството во кое живееме и да укаже на проблемите со коишто образуваната младина секојдневно се среќава – конкретно, на проблемот со вработувањето, проследен со неправда и понижување.

Случувањата во видео записот снимен во новото кино „Ѕвезда“ најдобро ги објаснува самиот Марчело:

„Нашиот режисер, Небојша Ненадиќ Бит, се држи до своето мото дека видеото, и покрај врежаното (и досадно) мислење, всушност не треба да ни раскаже исто што и песната, туку да прикаже некоја нова димензија и поглед на нештата. Па така видео записот за ’Лаж’ ја третира истата тема преку истите јунаци како и песната, но со важно изместување: се запрашавме како изгледа ноќната мора на добриот доктор Иван. И тоа е тоа – цело време сме во неговиот кошмар, во кој тој конечно добива работа, но добрите вести се задржуваат само на тоа и почнува општ ужас, каде што корупцијата и незнаењето стануваат екстремни“.

Екранизацијата е дело на креативниот тим на „15 минитс пикчрс“ (15 Minutes Pictures) кои беа одговорни и за претходните видео записи на Марчело: „Сунце“, „Мамица“, „Понос“ и „Краснокалипса“. Видео записот за „Лаж“ беше премиерно прикажан вчера, 1 јуни, на регионалниот канал на Ем-ти-ви, а сега е веќе достапен и на официјалниот канал на „Јујтуб“ на Марчело, каде што за само 12 часа го погледнале преку 15.000 луѓе!

Со видеото за „Лаж“ Марчело воедно најавува и концертна пауза, но само до крајот на октомври, кога ќе го одржи својот најголем солистички концерт досега – во Халата на спортовите во Нов Белград, на 10.10.2015 година!

 



Врати се горе ↑