Свет mc

12 март, 2015

Мараја Кери потпиша договор со „Епик рекордс“

Мараја Кери е најновиот член во семејството на дискографската куќа „Епик рекордс“, која е дел од „Сони мјузик ентертејнмент“ и издава албуми за имиња како што се Мајкл Џексон, Ози Озборн, Никол Шерцингер, Шаде, Меган Трејнор, Сара Барелис, „Џудас Прист“, „Ауткест“ и други. Познатата пејачка повторно ќе ги здружи силите со Антонио „Ел-Еј“ Рид, потпишувајќи договор за повеќе албуми, потврдил портпаролот на „Сони“ за „Билборд“.

Рид помогнал да потпише договор со „Ајленд деф џем“ во 2003 година, а учествувал и во подготовката на повратничкиот албум „The Emancipation of Mimi“ од 2005 година. Но, новиот договор е далку од оној што го имаше со „Вирџин рекордс“, кој изнесувал рекордни 80 милиони долари: „Единствената понуда која пристигна беше од ’Сони’ и беше многу пониска отколку што таа очекуваше“, открил извор за „Билборд“, додавајќи дека пејачката барала 3 милиони долари однапред, но не ги добила.

Кери и Рид во 2005 година

Новиот договор ќе започне со компилација од најголемите хитови, а веројатно ќе има и освежени и дуетски верзии на нејзините најпознати класици. Последното издание кое пејачката го издаде преку „Сони“ беше албумот „Rainbow“ од 1999 година, каде што се сместени сингловите „Heartbreaker“ и „Against All Odds (Take a Look at Me Now)“.

Минатогодишниот албум „Me. I Am Mariah… The Elusive Chanteuse“, кој беше издаден преку „Деф џем рекордингс“, досега е продаден во само 117.000 примероци, што го прави најмалку продаваниот албум на познатата дива. Изданието успеа да се искачи на 3. место во САД и на 14. во Велика Британија, но не обезбеди ниту еден сингл меѓу најдобрите десет. Дали со новата етикета повторно ќе се врати на врвовите на топ листите, останува да дознаеме кога ќе излезе новиот материјал, а во продолжение потсетете се на соработката со Џеј Зи за хитот „Heartbreaker“.

 



Врати се горе ↑