16 ноември, 2017

Мараја Кери е гламурозна „Ѕвезда“ и оваа празнична сезона

Речиси три децении празничната сезона не поминува без Мараја Кери, а славната ѕвезда годинава реши да оди чекор понатаму и да објави цел анимиран филм, насловен по нејзиниот најпознат божиќен хит „All I Want For Christmas Is You“, за кој објави и саундтрак издание што содржи вкупно 9 нумери, меѓу кои и сосема новата Lil’ Snowman.

Но, доста поголемо внимание привлече нејзиниот придонес за новиот анимиран филм за раѓањето на Исус насловен „Ѕвездата“ (The Star), чија премиера е закажана за 17 ноември. Кралицата на празниците ја отпеа токму насловната тема, а оваа емотивна балада штотуку ја доби и својата екранизација, која можете да ја погледнете горе.

Инаку, „Ѕвездата“ е во режија на Тимоти Рекарт, по сценарио на Карлос Коткин, а своите гласови за ликовите во филмот ги позајмуваат: Џина Родригез, Закари Леви, Стивен Јеун, Опра Винфри, Крис Кристоферсон, Кели Кларксон и други, а самата Мараја Кери го позајмува гласот за кокошката Ребека. Покрај неа, на саундтракот објавен на 27 октомври се најдоа и песни отпеани од Келси Балерини, „Пентатоникс“, Зара Ларсон, „Фифт хармони“ и други.



Врати се горе ↑