Галерија 17.07

19 јули, 2015

Ману Чао за најубав крај на „Д фестивал“ вечерва во Дојран

Дојран деновиве е епицентарот на најдобрата фестивалска забава која се случила во последните години во Македонија. Илјадници посетители во изминативе два дена сведочеа искрена атмосфера која ретко се гледа кај нас, па и во регионот. На главната сцена на паркингот Гранит сите раце без кренати во воздух, а ова јубилејно 5. издание на „Д фестивал“ уште долго ќе се прераскажува!

Во петокот, Вилкинсон ги пречекори сите високи очекувања и ја круниса првата ноќ на „Д фестивал“ со настап кој ги мрдна сите. Се играше на целиот паркинг, а кулминацијата со хитот „Afterglow“ беше пречекана во френетичен амбиент. Вилкинсон беше воодушевен од реакциите на нашата публика и изборот се докажа како идеален за супер расположените фестивалџии.

На Вилкинсон му претходеа секогаш добредојдените „Бед копи“, кои точно знаат како да ја анимираат македонската публика. Ништо послаби не беа Р’Н’Р учителите „Електрични оргазам“, а честа на нашата сцена  достојно ја одбранија силните „Поинт бленк“, „Новиот почеток“ и „Фјурион“.

На првиот фестивалски ден Дојран беше преполн и фестивалскиот камп вриеше од позитивната енергија на илјадниците кампери. Низ градот се слушаа повеќе светски јазици, гости пристигаа од цела Македонија, регионот, САД, Германија, Британија и од каде уште не, а расположението беше видливо дури и од Грција…

Втора вечер на „Д фестивал“. Распродадено!‏

Речиси десет илјади луѓе присуствуваа на втората вечер на „Д фестивал“, која беше распродадена околу полноќ. Сабота, 18.07.2015 ќе остане запомнет како ден кога во Дојран се случи нешто, кое не само што не е видено во малиот град, туку е реткост во македонската фестивалска историја. Паркингот Гранит беше полн, расположението на највисоко можно ниво, а забавата по највисоките стандарди.

Но, пред нас е последната и главна вечер, за која сè уште има достапни влезници, чиј број се намалува од час во час.

Оние што беа дел од оваа историска ноќ имаа можност да уживаат во врвна програма. Кирил Џајковски и Ти-Кеј Вондер, „Фолтин“, „Пи-ем-џи колектив“, „Љубојна брас фантази“ и „Фулиш грин“ понудија експлозивна забава за повеќе вкусови.

Вечерта за која ќе се зборува почна питомо и со квалитетните звуци на „Фулиш грин“, на што одлично се надоврзаа „ЗАА“, а „Љубојна“ ја искористија приликата да ја развијат ноќта во ним својствен стил. А потоа, нешто сосема поинакво – „Пи-ем-џи колектив“, со оригинален скопски денс поп звук, како совршена подготовка за најдоброто од Битола – „Фолтин“.

Тогаш на сцената се појавија Кирил Џајковски и Ти-Кеј Вондер, настап што го одзеде здивот на илјадниците привилегирани посетители, кои потонаа во еуфоријата на звукот на Џајковски, засилен од едната и единствена – Ти-Кеј Вондер.

Неверојатната посетеност и возбудата од вчера, даваат јасна визија за она што нè очекува вечерва:

МАНУ ЧАО ЛА ВЕНТУРА ВО ДОЈРАН!

Имајќи предвид дека вечерашниот финиш на „Д фестивал“ ќе привлече најмногу публика, проширени се капацитетите на паркингот Гранит. Оградите кои се наоѓаат на влезот на „Д фестивал“ ќе бидат поместени на сметка на паркинг просторот, со единствена цел, на посетителите да им се овозможи најпријатното искуство во последниве години во Македонија. Поместувањето ќе овозможи дополнителен простор за најмалку 500 посетители.

Имајте предвид дека вратите на „Д фестивал“ се отвораат во 19 часот. За максимално уживање во вечерашниот спектакл, на гостите им препорачуваме да ја искористат можноста и на време да ја фатат својата позиција за најдобриот концерт во Македонија. Покрај пригодата да се види Ману Чао под отворено небо во Дојран, денешниот ден нуди многу дополнителни активности.

Пред настапот на Ману Чао Ла Вентура, главната сцена има одлична програма со следниов распоред:

20.00 – 20.30 Бла Бла Бла…

20.40 – 21.30 Баилдса (Грција)

22.00 – 24.00 Ману Чао Ла Вентура

00.15 – 01.00 Драм Енд Брас Трио

Билетите за последната вечер на „Д фестивал“ чинат 450 денари.



Врати се горе ↑