Концерт manu chao

1 јули, 2013

Ману Чао се враќа во Скопје

Единаесет години по еден од најдобрите концерти кои било кога се одржале кај нас, на 21-ви септември МАНУ ЧАО е враќа на истата локација, Скопското лизгалиште. Среќата повторно се враќа во Македонија со третата средба на легендарниот музички револуционер и публиката со која негува посебна љубов и поврзаност. Откако последен пат заедно го превртеа градот на „Таксират 12“ со екслузивниот концерт во Скопје пред стартот на турнејата „Balkan Happy Tour“, Ману Чао овој пат доаѓа во рамки на турнејата Ла Вентура и славеничката година на Таксират 15.

Ману Чао со сигурност спаѓа во изведувачите чиј концерт мора да се доживее неколку пати во текот на животот. Македонија до сега имаше привилегија два пати да го угости извонредниот еклектичен музичар и тоа, со концертот во 2002 кој беше означен како еден од најдобрите во поновата македонска концертна историја и последниот френетчен и најпозитивен концерт на Таксират 12. Со успешната формула Ла Вентура (Маџид на гитара, Филип Тебул на тапани и Гамбит на бас гитара), Ману Чао повторно подготвува концерт со кој ќе ја излуди публиката со незаборавна атмосфера и целовечерна позитивна и разиграна енергија.

Хозе-Мануел Томас Артур Чао (José-Manuel Thomas Arthur Chao) или Ману Чао, зад себе има исклучително богата кариера, стартувајќи како еден од најзначајните ликови на француската андерграунд сцена, а подоцна и како музичкиот антиглобалист кој го потпомогна почетокот на латиноамериканското алтернативно движење. Неговите музички почетоци ги одбележа влијанието на британската панк и рок сцена, особено бендовите како што се „Д Клеш“ ( The Clash), „Д Џем“ (The Jam) и Д-р Филгуд (Dr. Feelgood). Својата прва група „Хот Пентс“ (Hot Pants) ја оформи во 1980 година, а легендарната „Мано Негра“, именувана по анархистичка организација од Шпанија, настана во 1987. Бендот стана популарен во повеќе делови низ светот, а посебно во Јужна Америка и Европа. Музичкото шаренило и иновативност беа речиси заразни, а добрите вибрации се пренесуваа со неверојатна леснотија. По распадот на групата во 1995 година, Ману ја продолжува самостојната кариера со константно нижење успеси и признанија ширум светот. Тој своите песни ги изведува на француски, шпански, англиски, италијански, а често комбинира и неколку јазици во една песна.

Милиони продадени албуми, музички награди, одлично прифатени соработки со различни артисти и филмски уметници, неодолива мешавина на сентиментални мелодии, брзи ритми, фантастичната иновативност и бескрајна желба за творење и подобрување на светот преку музиката станаа негови заштитни знаци.

Ману Чао е многу повеќе од само исклучителен музичар. Неговата музика не следи некоја стереотипна текстуална наратива, туку во својата еклектична конструкција повикува на подлабоко разбирање на својата иницијатива отколку што тоа го може било која друга литературна форма. Тој пее за луѓето од улиците, за провинциите и маргинализираните; тој пее со заборавените и небројни милијарди, поткласите, и со тоа говори за кревкоста на човечкиот род. Неговата музика е мост, кој ја истражува заедничката основа и сретствата за меѓусебно разбирање, потенцирајќи ја идејата дека надвор од излишните разлики во културниот идентитет, ние сме сите исти.

Ману Чао Ла Вентура во секоја смисла е синоним за незаборавно искуство и исклучителна забава, која годинава во организација на „Пасворд Продакшн“, нѐ очекува на 21-ви септември на Скопското лизгалиште.  Сите детали околу продажбата на влезниците за овој концерт ќе бидат наскоро објавени.



Врати се горе ↑