Настани 6dd997cb-469f-4540-b809-cb9b8556add2

9 април, 2015

Ману Чао Ла Вентура за едно од најсилните изданија на „ЕГЗИТ“!

Револуционерниот музичар, активист и еден од најважните гласови на светската музика Ману Чао, ќе одржи нов настап на главната бина на фестивалот „Егзит“ во сабота, на 11 јули! Со веќе потврдените имиња на „Егзит“ Авантурата како што се Роби Вилијамс (Robbie Williams), „Моторхед“ (Motorhead), „Д Продиџи“ (The Prodigy), „Феитлес“ (Faithless), Џон Њуман (John Newman), „Рудиментал“ (Rudimental), „Клин бандит“ (Clean Bandit), Хардвел, (Hardwell), „Сигма“ (Sigma), Мартин Гарикс (Martin Garrix), Том Одел (Tom Odell), „Тејл оф ас“ (Tale of Us), но и уште бројни изненадувања, актуелната музичка сезона во Нови Сад, Белград и Будва, ќе биде една од најјаките во историјата на Балканот. По седум години од претходниот историски концерт на Петроварадинска тврдина, кога главната бина беше тесна за 35.000 фанови кои во хор пееја и скокаа во ритамот на Радио Бемба, Ману овој пат доаѓа со својата „Ла Вентура“, која, покрај него, ја сочинуваат уште и гитаристот Маџид, басистот Гамбит и тапанарот Гарбансито. Оваа турнеја на „Ла Вентура“ ќе биде засилена со уште двајца музичари на дувачки инструменти, а сет листата покрај најголемите химни како што се „Clandestino“, „Rainin’ In Paradize“, „Mi Vida“, „Politik Kills“ или „Mala Vida“, вклучува и бројни изненадувања, необјавени песни, а понекогаш и обработки на легенди како што е Боб Марли! Ману минатата година одржа низа настапи на најголемите светски фестивали како што се „Роскилде“ и „Вудсток“, а неодамна одржа и неколку стадионски настапи во Аргентина и Колумбија!

 

Револуционерно продорен и подеднакво мирољубив, познат по својот општествен активизам и незадржливите стихови, Ману Чао е еден од највлијателните музичари во новата историја, подеднакво почитуван ширум планетата со концерти на пет континенти! Францускиот уметник и активист со шпанско потекло, својот карактеристичен звук го градеше преку разни панк влијанија како што се „Д Клеш“ (The Clash), „Џем“ (Jam) или Д-р Филгуд (Dr. Feelgood). Неговите песни се карактеризираат со бескомпромисни стихови, поради што е признаен како глас на слободарските генерации и свесните луѓе кои не го прифаќаат диктатот на глобалната политика и сѐ поголемото отуѓување во современиот свет. Ману, како ниеден друг музичар на светот, ги обединува панк ставот, лиричноста на шансоните, ритмиката на салсата, егалитаризмот на регето и еуфоријата на ска музиката, што на неговите песни им дава посебен шарм, близок до публиката на сите меридијани.
Ману пее дури на седум јазици, а темите ги опфаќаат политичката критика, имиграцијата, љубовта, животот во гето, слободата на мислењето и живеењето, како и приказните за автентичните случувања од своето живописно искуство. Уште кога со својот брат Антоан ја водеше групата „Мано негра“, настапуваше во неколку приморски локации во Африка на бина приградена на бродска палуба со која патуваа за време на целата турнеја. Уште една нетипична бина е секако и возот „The Ice Express“ на кој настапуваше и патуваше за време на турнејата низ руралните делови на Колумбија. Повеќе од пет милиони продадени примероци од наградуваниот албум „Clandestino“ сведочат за далекусежноста на неговиот звук и влијание, како и фактот дека Роби Вилијамс и Лили Ален ги обработија песните „Bongo Bong и Je ne t’aime plus“ и ги објавија како единствена нумера на албумот на Роби насловен „Rudebox“.

Најдобрата акција “4+1” повторно е тука!
Четиричленото друштво кое заедно ќе купува влезници за „Егзит“, „Си Денс“ или целата „Егзит“ Авантура, петтата влезница ќе ја добие бесплатно! Акцијата„4+1“ веќе е достапна на сите продажни места и преку сајтот www.exitfest.orgнајдоцна до 25. мај. Влезниците за „Егзит“ чинат 3.599 денари, за „Си Денс“ чинат 2.550 денари, а за целата „Егзит“ Авантура (Егзит + Си Денс) само 4.299 денари. Во продажба веќе се пуштени и картите за организираниот автобуски превоз за „Егзит“ фестивал (Скопје – Нови Сад – Скопје) по цена од 2.990 денари, како и за целата „Егзит“ Авантура (Скопје – Нови Сад – Будва – Скопје) по цена од 4.990 денари. Фестивалските влезници и организираниот превоз за „ЕГЗИТ“ во Македонија се достапни преку продажната мрежа на МКтикетс и во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат).  На сајтот www.exittrip.org пак, се достапни и пакетите кои содржат влезници и сместување, а цените на полното фестивалско летување од 7 до 20 јули во рамки на големата „Егзит“ Авантура, почнуваат веќе од 99 евра!



Врати се горе ↑